Достапни линкови

Во Дебар над 10 отсто од населението со дијабет


Болницата во Дебар
Болницата во Дебар

Расте бројот на заболени од дијабет во Дебар, велат здравствените власти. Според нивните податоци над десет отсто од населението има дијабет. Загрижува тоа што кај голем број на болни, дијагнозата се утврдува случајно.

Нередовната здравствена контрола на населението создава бројни проблеми кај здравјето на жителите од општините Дебар и Центар Жупа. Така дијабетот кој има рапидно зголемување кај населението најчесто се открива случајно, при контрола на пациентите за други болести и здравствени проблеми. Во дебарскиот центар за дијализа, кој работи во рамките на Општата болница, велат дека во последните неколку години има големо зголемување на бројот на болни од дијабет.

„Податоците говорат дека бројот на болните од дијабет расте и тоа загрижувачки. Над десет отсто од населението има дијабет, што секако е висок процент. Според податоците на Центарот за дијабет, над 400 се на инсулинска терапија, додека таблети добиваат 1.500 пациенти“, истакнува раководителот на Центарот за дијабет во Дебар, лекарот специјалист Аџија Куртоски.

Според него во последно време Центарот за дијабет реализира активности за укажување на населението на потребата од редовни контроли со кои се овозможува рано откривање на дијабетот.

Раководителот на Центарот за дијабет во Дебар, доктор Аџија Куртоски
Раководителот на Центарот за дијабет во Дебар, доктор Аџија Куртоски

„Имајки предвид дека бројот на болните со дијабет е во рапиден пораст, ние превземаме мерки и за пренесување на бројни информации до населението со цел болеста да се открива во својата рана фаза. Но, сепак треба да се нагласи дека кај еден голем број на болни од дијабет дијагнозата се утврдува случајно, при одредени контроли на пациентите дојдени за други болести. Анализите потоа покажуваат дека тие имаат висок шеќер во крвта, и така се дијагностифициираат и со дијабет. Потребни се редовни контроли, со кои може да се открие раната фаза“, додава лекарот специјалист Аџија Куртовски.

Во оваа здравствена институција се одржуваат и редовни предавања со болните од дијабетот, но и со други пациенти и населението за зголемување на својата здравствена култура кои треба да се спроведуваат болестите во раните фази, а истото се однесува и за дијабетот, кој од ден на ден има голем замав.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG