Достапни линкови

Убивање на долг рок


Соња Стојадиновиќ, политиколог.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

Здравјето на дијабетичарите за министерот е бизнис во кој квалитетот е на најниско ниво во тендерската документација, а можеби и го нема, пишува политикологот Соња Стојадиновиќ, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Министерството за здравство полека, но сигурно ја губи основната и најзначајна улога за кое е воспоставено, грижа за здравјето на граѓаните. Константиот недостаток на инсулин во надлежните аптеки во земјата, директно влијае на здравјето на дијабетичарите заедно со небулозните одлуки на министерот.

Ако сме дошле до тоа дереџе да штедиме на квалитетот на лековите, тогаш имаме министерство за умирачка на долг рок.

Дијабетисот не е болест која погодува одредена популација, туку е болест која може секого да го погоди. Стекната или наследена, таа останува на долг рок во телото на болниот, а кај некои и за цел живот. Но тие факти немаат значење за министерот посебно кога се работи за тендери и duding business. Здравјето на дијабетичарите за министерот е бизнис во кој квалитетот е на најниско ниво во тендерската документација, а можеби и го нема. Во тендерот за набавка за следните две години, процентот за набавка на хумани инсулини наспроти аналогните на кои цел нормален свет се префрла, е зголемен. Со тоа пациентите со сила се префрлаат на хуманите инсулини кои се повеќе штетни отколку корисни во лечењето. Секој пациент има потреба од различен вид на инсулин, а тие се делат на бавно реагирачки или базални кои се примаат еднаш до два пати дневно, брзо реагирачки кои се земаат пред оброк и премикс инсулините кои се комбинација од двата претходни. Сепак политиката на форсирано префрлање на хумани инсулини кои се од старите генерации и се со полош квалитет, го загрозува здравјето на пациентите. Долготрајна употреба на инсулините од првата генерација, поточно од пред дваесет години, предизвикува зависност кај пациентите и оштетување на црниот дроб. Токму овие инсулини кои се поевтини, се од поголем интерес за министерот и неговиот тендер отколку за пациентите. Тука не е важен квалитетот, важна е само цената и фалењето без памет дека министерството заштедило. Ако сме дошле до тоа дереџе да штедиме на квалитетот на лековите, тогаш имаме министерство за умирачка на долг рок.

Разбирлива е реакцијата на Националната комисија за дијабетис која тврди дека поскапата терапија не секогаш значи дека е подобра терапија, но потребно е да се изјаснат зошто веќе по втор пат на тендерот се исфрла квалитетот по значење, а примарно се става цената. Дополнително, зошто се зголемува процентот на стари инсулини со слаб квалитет за кои и самите пациенти тврдат дека лошо ги поднесуваат. Не може и не смее да се затвораат очите и ушите кон реакциите на пациентите и членови на здруженијата за дијабетичари кои тврдат дека инсулини нема цел месец, а наспроти тоа комисијата и министерството јавноста и пациентите ги прават будали тврдејќи дека не постои недостаток на инсулин. Каде се тука и недостатокот на адекватни игли за пенкалата за инсулин, кои не се сите со иста големина и не се сите апликативни за возрасни и за деца. Треба јавноста да знае и дека се појавиле притисоци врз пациенти кои отворено реагирале за недостатокот на инсулин и лажењето на институциите дека не постои недостаток, и лепење на етикети вез истите дека се соросоиди и платеници на СДСМ. Да беа платеници и соросоиди, ќе си купуваа скапи инсулини и немаше да зависат од набавките на министерството, а уште помалку ќе креваа глас против убиството кое го вршат министерот и неговите финансиски интереси. Бројот на регистрирани дијабетичари расте, а знаејќи дека оваа болест не само што носи трајни оштетување на болните, туку носи и смрт. Крајно време е да се стави крај на коцкањето на министерот со животот на пациентите.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG