Опозицијата се врати во Собранието, но прашање е дали е свесна дека е под лупа, не само на ДПМНЕ, туку и на нејзините поддржувачи. Отворено ја заврши љубовната врска со „Граѓани за Македонија“ отфрлајќи ги како скинати чевли и гордо си ги продолжи притисоците за исполнување на „испржениот“ договор. А тука секако стојат и странските олеснувачи кои притискаат да се исполнат сите обврски преземени од договорот, не затоа што се многу загрижени за Македонија, туку затоа што ако не успеат, тоа ќе им се брои како негативен поен во нивното салдо. Ни тие не се многу весели и секогаш подготвени да доаѓаат и за уши да ги влечат локалниве политиканти за да остане оваа држава колку толку стабилна.
Специјалниот обвинител кој треба да биде поставен до средината на септември треба да биде Супермен кој ќе успее да се справи со сите докази за неописивите криминали кои ги слушаше јавноста од снимките.
Специјалниот обвинител кој треба да биде поставен до средината на септември треба да биде Супермен кој ќе успее да се справи со сите докази за неописивите криминали кои ги слушаше јавноста од снимките. Но, и самиот Супермен да биде поставен, џабе е сè ако нема потпора во своите соработници, во полицијата со која треба да соработува и во целиот систем низ кој треба да функционира неговата истражна постапка. Одамна е јасно дека отровните пипци на дпмневскиот октопод се пуштени секаде и дека преку опструкции на разни нивоа, каква било истрага ќе биде оневозможена уште на првиот чекор. Но ајде, треба да се испочитува договорот, треба да се покаже дека се конструктивни и подготвени за соработка без разлика што целото однесување на нашиве политиканти има префикс квази. Си се договорија за функционерски места, ќе си играат водење држава и ќе играат на ти ја оваа фотелја, дај ми ја онаа функција. А, дали функционира државата и како му е на народот, тоа воопшто не е важно. Конструктивноста е докажана, пазарот е постигнат.
Потребни ни се нови луѓе на политичката сцена, кои немаат ниту политички, а уште помалку криминален багаж. Луѓе кои навистина имаат способности да ја извадат државата од криминалниот вртлог во кој ја ставија политичките квази елити во последниве дваесет години. Доста ни е од извикани имиња, политиканти, кариеристи, клиентелизам во партиите. Која било партија од овие четири кои и ја кроеја судбината на Македонија по којзнае кој пат, не е повеќе способна да ја води државата на било кое ниво. Имаме капацитет и подготвени сме да направиме целосно ресетирање на системот и чистка од политичари кои државата ја гледаа како бескрајна крава музара за пари. Не смееме да дозволиме да продолжиме да функционираме во согласност со мислата на еден британски политичар: ако гласањето на избори има значење и прави разлика, нема да биде толку лесно. Следната година идат долго очекуваните избори, средниот прст е она што треба да го видат сите сегашни политиканти. Доста е со на ти го, дај ми го систем.