Достапни линкови

Нови избори, стари сценарија


Соња Стојадиновиќ, политиколог.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

Нашите непријатели се оние кои ги бираме на избори, непријатели ни стануваат кога нема да ги исполнат своите ветувања, а функцијата ќе ја злоупотребат за своите интереси. Одамна е време да се свртиме кон вистинските непријатели, пишува Соња Стојадиновиќ, политиколог во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Без разлика дали изборите ќе се одржат во април, јуни или во некој друг месец оваа година, старите сценарија на поттикнување верска и етничка нетрпеливост се најважното и најкористеното оружје на двете владејачки партии. Општина Чаир мудро молчи за одлуката и потрошените финансии за поставување на споменикот во облик на двоглав орел на влезот на населбата. Зошто токму сега, зошто во периодот кога се одлучува кога ќе и се прекрати агонијата на Македонија наметната од клептократските партии на власт? Дали општината можеше пред неколку месеци или една година да го постави тој споменик или намерно го чекаше овој момент кој секако националистите од страна на ДПМНЕ здушно го дочекаа на нож? Од соседната општина не останаа должни, па во Бутел ќе се гради крст. Типично однесување на националисти кои градат меѓи, линии на поделба, животни кои со помочување си ја обележуваат територијата.

Националистичкото однесување, реторика, подбуцнување и поттикнување на национална и верска омраза и судири се тактика толку многу позната во Македонија во време на предизборие, што дури станува досадно и премногу лесно предвидливо. Тажното е тоа што сценариото е исто пред сите избори, без разлика дали се локални или парламентарни, судрените табори, жртвите, подбуцнувачите и тие што имаат користи, сите се исти. Таборите се поделени по етникуми, жртвите се невини деца, луѓе кои никаква врска немаат со политика, живеат мирно со соседите, подбуцнувачите се партиите, а и тие што имаат корист пак се партиите. Реториката е пак иста. Другите се опасноста, зарем не гледате дека ве тепаат, градат џамии, цркви, двоглави орли, лавови, се населуваат како цунами, ќе ве избркаат од населбите, од домовите. Гласајте за нас да ве спасиме од нив, само ние можеме да ви донесеме посветла иднина.

Степенот на верување на оваа дрска, лажлива и безобразна реторика се гледа на секои избори. Но бројките не ја даваат секогаш вистинската слика, а вистината знае доста добро да се крие зад кулисите на сцената на која играат бројките. Бројките не ги земаат ниту одземаат предвид гласачите кои на сила гласале за ДПМНЕ и ДУИ, оние чии бизниси зависат од милоста и немилоста на локалната или централната власт. Оние кои наведнале глава, прифатиле да станат поддржувачи на хомофобични и насилни шизофреничари, клептомани, криминалци, бездушни бизнисмени со маската на политичари кои му мислат најдобро на народот, само за да добијат парче леб. А кога ќе го добијат, ќе бидат уценети до тој степен да мораат да станат до болка благодарни за лебот како да не го заработиле туку го заслужиле само поради својата сервилност.

Но вистинскиот непријател не е преку меѓата, не е во соседот. Вистинскиот непријател е во сиромаштијата, бесперспективноста, иселувањето, изјавата дека не ги интересира политиката, излегувањето на избори и гласањето по инерција или под притисок само колку да се искористи правото, а не да се гласа за сопствената иднина. Вистинскиот интерес и учество во политиката не подразбира само негативни коментари и критики за секоја одлука на власта, туку и земање одговорност за сопствениот избор направен на изборите. Тука спаѓа и отсуство на слепа доверба кон говорот на политичарите и данајско-политичките понуди и дарови кои ги слушаме и ни ги нудат во секоја предизборна кампања. Шансата на учество која ја добива граѓанството во секој изборен циклус е една од алатките на креирање на сопствената иднина. Нашите непријатели се оние кои ги бираме на избори, непријатели ни стануваат кога нема да ги исполнат своите ветувања, а функцијата ќе ја злоупотребат за своите интереси. Одамна е време да се свртиме кон вистинските непријатели.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG