Еврото падна за 1,2 насто во однос на доларот и чини 1,049, што е најмалку од средината на март годинава, а пад на вредноста е забележан и кај кинескиот јуан.
Инаку, зголемувањето на референтната каматна стапка, според оценката на претседателката на Федералните резерви Џенет Јелен, претставува „глас на доверба“ во солидноста на американското стопанство.
„Притоа, моите колеги и јас препознаваме значителен напредок што економијата ја има направено кон нашата двојна цел: максимално вработување и стабилност на цените“, Јелен.
Ова е прво покачување на каматните стапки во САД во изминтава една година, а второ од рекордно ниското ниво блиску нулата во последниве десет години.
Јелен претпазливо говореше за очекувањата дека победата на Доналд Трамп на претседателските избори ќе доведе до побрзо подигање на каматните стапки.
„Премногу е рано да се знае како тие мерки ќе се применат“, изјави таа, мислејќи на ветувањата на Трамп за намалување на даноците на компаниите и зголемување на трошоците за инфратсруктура.
Јелен изјави дека на стопанството не му е неопходен накаков економски поттик од новата администрација и оти очекува натамошно намалување на стапката на невработеност која сега изнесува 4,6 насто.
Економистите очекуваат во текот на идната година да има три зголемувања на каматната стапка, а не две какви што беа досегашните проценки.
Зголемувањето на каматна стапка, според економистите, е предизвик, но и можност за земјите во развој.
Дејвид Долар, виш соработник за надворешна политика и глобална економија во Институтот Брукингс вели дека станува збор за добра вест и лоша вест за овие земји.
„Добрата вест е сигналот дека економијата на САД работи подобро, така што ќе се увезува повеќе и ќе се обезбеди прелевање на бенефиции на нашите партнери како што е Кина. Од друга страна, пак, се зголемува цената на капиталот“, вели тој.
Според Долар, сега може да се очекува и Кина да ги зголеми каматнтите стапки што пак си носи свои одредени финансиски ризици.
Сепак, како што оценува тој, нема потреба земјите во развој да страхуваат од можна финансиска криза предизвикана од зголемувањето на каматните стапки.