Со Договорот од Маастрихт, дотогашната Европска економска заедница стана Европска унија со заедничка валута и со идеја за европско државјанство.
Политичкиот аналитичар од Центарот за европска политика со седиште во Брисел Јанис Еманулидис смета дека овој договор претставувал вистинска пресвртница.
„Со него се формираа основните институционални структури, ја стави во преден план соработката во безбедноста, одбраната, надворешната политика, ја воспостави правната соработка и очигледно голем скок беше создавањето на Економската и монетарната унија која доведе до заедничката влаута“, вели Еманулидис.
Договорот беше потпишан по неколкумесечни преговори на кои се бараше рамнотежа меѓу земјите кои сакаа целосна унија и оние кои беа за полабаво сојузништво.
Некои влади имаа проблеми да го одобрат овој договор, но според, Еманулидис, тие тешкотии не можат да се споредат со проблемите со кои се соочува Европската унија денес, како например британското гласање да ја напушти Унијата, порастот на популизмот и миграцискиот бран.
На улиците на Маастрихт, граѓаните велат дека е неопходна поголема работа за натамошно зближување на ЕУ.
„Помалку внимание да и се дава на бирократијата такви работи, а повеќе на она што е добро, како мирот. ЕУ беше востановена за мир во Европа и го имаме веќе 70 години. Значи тоа е добра работа“, вели студентот Жан со кого се согласува Жан Пол, жител на Маастрихт кој вели:
„Европа се уште ни е потребна денес и ние сме се оддалечиле еден од друг и тоа ме загрижува“.
Кога европските лидери го усвоија Договорот од Маастрихт Европската заедница имаше 12 членки. Таа денес има 28, а 19 од нив го корситат еврото како заедничка валута.
Домаќин на потпишувањето што се одржа во Маастрихт на 7 февруари 1992 година беше тогашниот претседател на Европската комисија Жак Делор.
Годините што следеа беа исполнети со долготрајни дискусии за тоа кој може да влегува или да излегува од Унијата, како ќе се вика заедничката валута и како да се стегнат дефицитите во земјите членки.
Самата валута е родена на 1 јануари 1999 година, кога девизниот курс на 11 земји членки беше фиксиран за еврото, иако самото пуштање на банкнотите и на монетите се случи три години потоа.