Достапни линкови

Груевски како Петар Велики, Заев со отворено срце


Споменикот на Петар Велики во Москва
Споменикот на Петар Велики во Москва

Лидерот на социјалистите Љубисав Иванов Ѕинго го спореди неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со Петар Велики, Панчо Минов од ГРОМ рече дека не го дава кавадаречкиот дијалект, а Заев реши да го отвори срцето во Кичево. Изминува првата недела од предизборната кампања.

Ветувања за подобар живот гарнирани со навреди кон политичкиот противник и заплашувања дека другите сакаат да ја продадат државата. Се чини дека испробаниот рецепт за предизборна кампања нема да се менува. Власта обвинува дека со федерализацијата СДСМ сака да ја продаде Македонија, опозицијата, пак, дека власта веќе ја продаде и оти парите ги однесе на сметки во Панама, Белизе и во други оф-шор дестинации.

please wait

No media source currently available

0:00 0:03:24 0:00
Директен линк

Ѕвезда во првата недела на кампањата несомнено е лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, кој на почетниот митинг на владејачката коалиција во Охрид се појави во впечатлива бунда од астраган и нерц.

„На 11, специјален кафез спремам со еден зајак од три метра висок. Ќе го донесам на бина на најголемиот митинг и ќе му покажам кај се наоѓа тој зајко, каде му е местото. Таму му е местото, а не да биде премиер на Македонија. Каков премиер, какви бакрачи“, рече Бајрам.

Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија Љубисав Иванов Ѕинго, веројатно среќен што во коалицијата со конзервативната ВМРО-ДПМНЕ им се придружи и Слободан Угриновски од Титови леви сили, препознатливо го поздрави присутните на охридскиот митинг.

„Дами и господо, другари и другарки“, рече тој,

Ѕинго не штедеше пофалби за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Човекот е реформатор како што е оној Дионсјанк Пенг[веројатно мисли на Денг Сијаопинг], како што е Рузвелт во Америка, како што е Ерхард во Германија, како што е Петар Велики во Русија и така натаму. Нашиот реформатор започна да ја развива Македонија која беше уништена од една мангупска банда“, рече Ѕинго.

Панчо Минов од ГРОМ, пак, на митингот во Кавадарци зборуваше за значењето на дијалектот.

„Кичма ќе виткал! А бе, знае ли он, кавадарчани се револуционерен народ? Или бива ли таа у Кавадарци да се лафе двојазично? А бе, ние дијалектот не го мењаме, не јазик, двојазично бе“, рече Минов.

Историски споредби за лидерот не изостанаа ниту на претставувањето на кандидатските листи на ДУИ, кога Артан Груби го спореди партискиот лидер Али Ахмети со Хасан Приштина. Сепак, насобраните го оставија Груби сам да си скандира „УЧК“ на бината.

Опозицискиот лидер Зоран Заев, пак, во Кичево, имаше кардиолошки настап.

„Имам два микрофони, имам некој говор во џебот, но велам ај да го отворам срцето овде во Кичево“, рече Заев.

Се чини дека лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кој е дел од коалицијата ВМРО за Македонија, најпрецизно го лоцираше проблемот – загаденоста.

„Живееме во земја во која 10 години на граѓаните на Република Македонија им е загаден моралот“, рече тој.

Сепак, граѓаните сега се позаинтересирани за воздухот. За моралот веројатно ќе се разговара по изборите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG