Достапни линкови

Неделниците за листите, СЈО и судскиот стриптиз


Државната изборна комисија (ДИК) со жребување го одреди редоследот на гласачкото ливче за предвремените парламентарни избори.
Државната изборна комисија (ДИК) со жребување го одреди редоследот на гласачкото ливче за предвремените парламентарни избори.

Неделникот Глобус ги анализира пратеничките листи за претстојните избори. Република пишува за СЈО и за, како што велат, паниката во СДСМ, а Фокус смета дека сме сведоци на „Денови на судски стриптиз“.

Глобус - дилетанти на пратенички листи

Авторот на колумната Таленти во Глобус ги анализира пратеничките листи што ги понудија владејачката партија и неколкуте опозициски коалиции за претстојните вонредни избори и смета дека „Закашкани и со празни политикантски комбинаторики листите најмалку се наменети за народот кој на изборите треба да гласа за својата иднина“. Почесно место на листите меѓу дилетантите – ветерани во тимот на Дпмне, според Глобус, го имаат „капитените“ на тимот на партијата кои, како искусни дилетанти, многукратно го докажале својот дилетантизам давајќи немерлив придонес во уназадувањето и разнебитувањето на Македонија. Најголема заслуга има селекторот и водачот на тимот кој за само десет години успеа Македонија да ја урниса во најтешката криза од осамостојувањето, граѓаните ги ограби и ги доведе до питачки стап. Не е одмината и листата на опозиционите социјалдемократи, кои, според Глобус, неуспехот да создадат широка коалиција, каква што очекуваа граѓаните, го припишува на традиционалниот дилетантизам во партијата. Социјалдемократите, главно од самобендисаност и елитистички настап во коалицирањето, ги повторуваат грешките од минатите изборни циклуси и не создадоа најширока, макар и најлабава коалиција, со што им одат на рака на дилетантите од дпмнето кои, од друга страна, имаат богат опит во блокирање на окрупнувањето на опозицијата. За Глобус, најзаслужни за неуспехот на таканаречениот трет пат се „ветерани и искусни дилетанти поради нездравите лидерски амбиции тие да бидат на чело на изборните листи... поради што граѓаните останаа без трета опција во време кога условите за нејзино создавање беа најповолни, завршува авторот на колумната во Глобус.

Република - Две во едно: Притисок и отворање врати за СЈО

Прелистувајќи ги неделниците, човек чита за паника, во редовите на власта или на опозицијата пред декемвриските избори, во зависност кој на која страна е позициониран. Така Република во текстот со наслов „Две во едно: Притисок и отворање врати за СЈО“, авторот смета дека, цитирам, „паниката во СДСМ расте, а Катица извади само членска книшка и уплатница, но не и обвинение...“ Република го анализира и „последниот емотивен излив на Заев на една прес-конференција“, на која најавил распуштање на судството, но и признал две нешта, според Република: Првото е дека јадењето „живи луѓе“ во форма на партиски реваншизам не му поминало, а второто дека сите тие судии што ќе излезат во пресрет на Јанева и ќе замижат на недостигот од какви и да е докази ќе бидат благословени и добро наградени по нивното доаѓање (се мисли на СДСМ) на власт. Република смета дека последново било ултраапстрактна именка што го знаеле и судиите и чистачите.

Фокус - Денови на судски стриптиз

Фокус, пак, смета дека сме сведоци на „Денови на судски стриптиз“, затоа што такво разголување на „правдата“ не постигнаа дури ни бомбите на Заев, вели авторката на воведната колумна. Па продолжува: „Да, чувме како се местеле судии од тефтерчето на Горде, што значи дека Судскиот совет само ‚остварувал‘, дека се пишувале пресуди согласно ‚законот‘ на братучедите, ама дури ни бомбите не ни открија каков талент ‚чучи‘ во претседателот на Кривичниот суд, В. Панчевски“. Фокус го смета за прашање на честа Катица и тимот пред изборите да излезат со сите наоди од прислушувањето, зашто тоа било и поводот да се роди СЈО. Не е зијан да проверат и дали Партијата, евентуално, можеби има и приватни прислушни уреди, препорачува неделникот. Фокус со иронија порачува да не се тревожеле „специјалните“ бидејќи колку и да им се силни доказите, експертутките и куртоните на пастирот, како што вели, тоа ќе го поплукаат. Тука им е и реалити ѕвездата В.П. на припомош. И Уставниот суд, разбира се!

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG