Најмалку 5817 телефонски броеви незаконски биле прислушувани, а 10 лица од УБК се осомничени за тоа. Ова го покажува најновата истрага на СЈО наречена „Таргет“. Прислушувале поранешни и сегашни вработени во УБК, а таргет не бил поранешниот премиер Никола Груевски. Повеќето од броевите, над 4200, биле прислушувани без судска наредба, а останатите над 1500 пред и по издавањето на судската наредба. Меѓу прислушуваните има политичари, бизнисмени, новинари и други лица.
Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека имаат докази за тоа кој и како прислушувал, а сега ги истражуваат мотивите. Прислушувањето, според неа, било вршено со три различни системи за прислушување, еден во 2008, вториот од крајот на 2008 до почетокот на 2015 и третиот во 2015 година. Имајќи ги предид телефонските броеви со кои нелегално прислушуваните комуницирале, се доаѓа до над 20 илјади нелегално прислушувани.
Фетаи посочи дека првоосомничениот, кој бил на раководна позиција во УБК, ги слушал разговорите и без судски налог давал наредби за додавање на телефонски броеви на луѓе кои биле во блиски лични односи со него.
„Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените лица, искористувајќи ја службената положба и овластување, на штета на средствата на државата, преку злоупотреба на системите за комуникација, потешко ги повредиле основните човекови права на незаконито прислушуваните граѓани“, рече Фетаи.
Второосомничениот раководител на оддел во УБК, спротивно на закон, давал наредби кои броеви да се следат, сам ставал броеви за следење и ги слушал разговорите кои се снимани без судски наредби.
Третоосомничената, исто така раководителка во УБК, ги проследувала наредбите од првите двајца осомничени. Двајца од останатите се сомничат дека незаконски ги внесувале броевите во системот, а останатите се сомничат дека правеле транскрипти од разговорите за потребите на првите двајца осомничени.
прислушуван | денови на нелегално прислушување |
Гордана Јанкулоска | 732 |
Миле Јанакиески | 732+553+816(трите различни броеви) |
Али Ахмети | 332+867(двата броја) |
Мендух Тачи | 1257+1257(двата броја) |
Љубе Бошкоски | 320+92(двата броја) |
Муса Џафери | 1658 |
Зоран Заев | 1150+400+365 |
Зоран Верушевски | 600 |
Соња Верушевска | 816 |
Бранко Палифров | 90 |
Првите два системи, според Фетаи се уништени и тоа ја одолговлечило истрагата, за која имаат и вербални и материјални докази. Третиот систем за следење на комуникациите, како што посочи Фетаи се уште се користи за незаконско прислушување и во 2016 година.
„Нападот врз човековите слободи и права е најсилниот удар врз едно цивилизирано демократско општество. Сега е ред на таквото општество да возврати“, рече Фетаи.
Обвинителката Ленче Ристоска истакна дека еден од вработените во УБК го забележал незаконското прислушување при што одземал дел од транскриптите и аудио записите и му ги предал на друго лице кое ги прследило на трет човек од каде завршиле во рацете на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Сите докази упатуваат дека прислушувањето е вршено во рамки на УБК, рече таа.
„Досега ние не поседуваме докази во насока на тоа дека од страна на странски служби, жолти комбиња е вршено незкаонското следење на комуникациите“, истакна Ристоска.
Таа посочи и дека од доказите кои ги имаат, поранешниот премиер Никола Груевски не бил директен таргет на прислушувањето за разлика од поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети, Мендух Тачи, како и други. Целосната листа, во овој момент не може да ја кажат во интерес на истрагата, посочи Ристоска, а оштета досега побарале 14 лица.
Овие докази, според СЈО ќе влијаат и на случајот Пуч, зашто е утврдено дека обвинетите биле прислушување надвор од периодот утврден во судскиот налог. Од СЈО соопштија и дека нема да бараат мерки за претпазливост за осомничените.