Република Македонија е сè поблиску до долго очекуваните предвремени парламентарни избори. За помалку од месец дена ќе се одржат изборите кои би требало да стават точка на долгата и исцрпувачка политичка криза. Но, дали навистина 11 декември ќе биде пресвртница за македонската држава или само нова, трета етапа во политичките турбуленции? Предизборните коалиции веќе се формирани. И од македонскиот и од албанскиот блок, партиите ги составија своите листи. Исто така, предизборните програми и ветувања широко веќе се пласираат во македонското општество.
Во сите овие преизборни конструкции се појавија и две групации кои самите себе се именуваат како трет блок. Како нова алтернатива која им нуди на македонските гласачи стабилност, одржливост и економски просперитет. Едните се насочени кон гласачите од десниот центар. Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и познатиот генерал, Стојанче Ангелов го формираа блокот „ВМРО за Македонија“. Од другата страна, во вториот трет блок, на чело се наоѓаат Павле Трајанов, Јове Кекеновски и ниту помалку, ниту повеќе, поранешниот прв човек на македонската „тајна полиција“, Слободан Богоески. Овие вторите, својот фокус го ставаат на гласачите од левиот центар. А и едните и другите забораваат дека на македонската политичка сцена идеолошката определеност е одамна заборавен поим. Да бидеме искрени, сè е сведено на политички, или да бидам попрецизен, партиски интерес.
На прв поглед овие два блока, кои себе си се претставуваат како трета опција, изгледаат интересно, но и чудно. И едните и другите на себе носат огромно бреме од политичката историја на независна Македонија. Но во актуелните услови на политичката сцена, ветуваат работи за кои веројатно и самите не веруваат во истите.
Коалицијата „ВМРО за Македонија“ не само што зборува за изборна победа и формирање на стабилна политичка влада, туку спомнуваат и дополнително обединување на изворното македонско ВМРО. Впрочем, ако се вратиме дваесетина години назад, токму тие беа луѓето кои ја создадоа партијата ВМРО-ДПМНЕ, за подоцна да ја предадат на денешните „наследници“. Додека коалицијата на чело со Павле Трајанов постојано нагласува дека е потребно по секоја цена македонската држава да се ослободи од постоечката коалиција помеѓу ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, притоа занемарувајќи го фактот дека и тие до неодамна беа дел од истото „здружение“ во својство на коалициски партнери. Тешко е да се поверува во нешто ново што нудат овие два блока. Каде можеме да го приметиме новото во нив кога и едните, и другите „експлоатираат“ исти политички актери? Како тоа одеднаш и едните и другите нудат просперитетна иднина, кога истите тие поединци беа вклучени во креирањето на македонската политика во изминатати 25 години? Или одеднаш сега созреаа?
Анализирајќи ги актуелните случувања на политичката сцена на македонската држава многу едноставно можеме да заклучиме дека и евентуалното формирање на четврт блок не може да води кон стабилизација и окончување на кризата.
И понатаму главниот збор го имаат ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ. Партиите кои се дел од нивните коалиции претставуваат само „скокачи во вагон“, кои ниту имаат јасни идеи и цели, ниту стабилен електорат кој би го потврдил нивниот легитимитет. И на нив самите им е јасно дека се само политички субјект кој ги исполнува правните и формални услови да делува во својство на партија, без ниту еден процент подршка од страна на македонските граѓани. Но таквите партии се од огромен значење за челниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Со таквите „фиктивни“ коалиции и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ можат себе си да се претставуваат како неавторитарни партии и како предводници во процесите на креирање консолидирана демократија во македонската државата. Впрочем, коалициите како инструмент за докажување дека е битен интересот на секој македонски граѓанин.
И повторно сме ние на крај. Ништо ново! Третата опција е веќе видена комбинација, можеби во различна форма, но со ист капацитет и ресурси. Од другата страна се ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ. За нив и не постои друг „играч“. Себе си се сметаат за „господари“ во македонскиот политички ринг. Или народски кажано непобедливи!
И сега повторно самите себе да се прашаме. Дали после изборите ќе ја видиме истата структура во македонското собрание, без разлика дали играчите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги променат своите места за седење, или конечно ќе треба да заклучиме дека доаѓа крајот на историјата на постоечките политички елити? Дали навистина во Македонија е невозможно да се појават нови луѓе во политиката? Или и „новите“ ги прифаќаат правилата на добро познатата „игра“ која е во тек веќе 25 години? Како и да е, искористете ги овие избори, како можност, како прилика, како алтернатива која ќе овозможи нови „ветрови“ во македонската држава, затоа што и сами знаете дека овие истите ниту знаат, ниту умеат да го поместат „зацементираното“ кормило. Да умееа, или пак да знаеа, сигурно денес немаше да бидеме тука каде што сме... со условни препораки и повторно именувани како „темни вилает“, терминот кој актуелниот Претседател го користи за да ја покаже меѓународната слика на македонската држава за време на деведесетите. Реално гледано, актуелните текови можеби ни го наметнуваат истиот прекар и денес.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.