И додека во 21 век политичките елити се борат и ги вкрстуваат своите политички копја со една единствена цел како да обезбедат подобри економски услови на своите граѓани, а на основа на тоа да ги оправдаат и своите години на власт, кај нас, во регионот на западен Балкан политичарите ја „интерпретираат“ историјата. Економскиот стандард во западно-балканскиот регион веќе воопшто не е битен затоа што и воопшто го нема.
Ако некогаш сте слушнале за терминот современо ропство, дојдете да го искусите во државите на западниот Балкан. Во нашиот регион воопшто не е битно дали си вработен или дали примаш соодветна плата во согласност со потребите, кај нас е од суштински значење да ги знаеш своите историски и етнички корени, затоа што, не дај боже, соседите може да ти го украдат идентитетот.
И немојте да ме разберете погрешно, секако дека историјата и идентитетот се од огромно значење за еден народ и една нација, но тие не се докажуваат, ниту воздигнуваат преку изјавите на нашите квази-политичари, туку на основа на факти, освоени вредности, систем на традиција и образование.
Политичката елита во регионот на западен Балкан освен што се докажа дека не умее да ги разреши постоечките меѓудржавни отворени прашања, таа исто така се докажа и продолжува да се докажува во процесот на креирање нови тензии на политичко и безбедносно ниво во меѓудржавните односи. Хрватска и Србија повторно ги отвараат „старите рани“. Повторно се враќаат на периодот од Втората светска војна, повторно се „препукуваат“ на сметка на крвавите деведесети, а ниту едните ниту другите немаат економски перформанси кои ветуваат одржлива иднина. Српската и хрватска политичка елита имаат толку јаки реторички вештини, што кога истите би можеле да се употребат во областа на економијата, овие две држави сигурно би биле економски „тигри“ во регионот. Ситуацијата во Босна и Херцеговина уште помалку ветува. Политичката елита на Република Српска цврсто стои позади одлуката да го води својот народ на референдум за Денот на републиката. Толкувајќи ги зборовите на „бескомпромисниот“ Додик, тоа е од егзистенцијално значење за српскиот народ во Босна и Херцеговина. А да го прашаме, господине Додик, дали и сиромаштијата во Вашата република, за која имате намери да ја правите држава, е од егзистенцијален значење, или сепак тоа е прашање од приватен интерес на секој поединец?
Во однос на економските прашања на Балканот, тезата „снајди се па живеј“ претставува водич на нашето секојдневие. На Косово економските прашања воопшто не се во фокусот. Таму најголемата опозициска групација „Самоопределување“ ги „анимира“ косовските граѓани не преку стратегии и програм за развој туку организирајќи големи протести насочени против новиот договор за демаркација на границата помеѓу Косово и Црна Гора. Впрочем, со новиот договор за границите помеѓу Приштина и Подгорица нарушен е суверенитетот на Косово, а гледано од аспект на политичката елита од регионот, тоа може значајно да влијае на процесот на креирање одржлива и просперитетна иднина.
За актуелните (не)прилики во македонската држава мораме да одвоиме посебно место. Република Македонија не е веќе онаа истата држава што беше до пред две недели. Денес, оваа држава ја водат одговорни и доследни политичари. После само 18 месеци тие постигнаа договор за разрешување на политичката криза и организирање на фер и демократски избори.
И едните и другите велат дека овие избори ќе биле пресвртница во иднината на македонската држава. Новата влада ќе имала полн легитимитет, а проблемите што ги имаа и ги имаат македонските граѓани веројатно ќе „потонат“ во „длабочините“ на новата легитимна влада. Одеднаш овие политичари, кои преку 500 денови ги држеа македонски граѓани во заложништво, се претставуваат како одговорни и посветени кон државните интереси. Во најмала рака смешно, но ако сериозно го свртиме нашето внимание, тоа е типична трагедија за македонскиот граѓанин. Трагедија составена од група на поединци која си ги има поделено улогите на власт и опозиција, македонски и албански блок, и така ја изведува приказната на македонската држава која се повеќе наликува на суровите содржини од познатите руски класици.
Од европската иднина на западно-балканскиот регион остана само убавото сеќавање на Солунската агенда од 2003 година. Тогаш можеби беа видливи шансите за целосна интеграција на западно-балканските држави барем до крајот на 2020 година. Денес, фактичката состојба покажува дека тоа е невозможно. Не заради внатрешните проблеми на европското семејство или заради британскиот референдум, тоа се само оправдувања на политичарите од регионот. Суштинските проблеми се наоѓаат тука, кај нас, внатре во „организмот“ на западно-балканските кандидатки. И решенијата на отворените прашања се далеку од агендата на актуелните политички елити. Нив им е значајно само како подолго да останат на власт. Впрочем што ќе им е Европската унија доколку се критериумите толку високи, а цената се плаќа со губење на „владеачкото столче“. Овде и онака граѓаните се мирни и уморни. Уморни од секојдневните неприлики и економскиот крах. Во такви услови маневарскиот простор во политичките кругови е огромен. Се увојува и она што некогаш се сметало за нереално. Ниските плати можат да бидат уште пониски, а во потрошувачката корпа може да остане само топлиот леб. Доколку некогаш претставуваме регион кој иницира развој на „третиот свет“, денес и ние станавме дел од тој свет, без услови, ниту идеи за подобра иднина.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.