Достапни линкови

Судиите претпазливи во предизборниот период


Зградата на Основниот суд Скопје 1 во Скопје.
Зградата на Основниот суд Скопје 1 во Скопје.

Забележлива е тенденцијата на намерно одложување на процесите. Аналитичари сметаатдека тоа е оти судиите се претпазливи пред избори што покажува дека судството е под влијание на политиката.

Појавата на постојано одложување на познати судски процеси експертите ја поврзуваат со претпазливоста на дел од судиите да донесуваат судски одлуки во предизборниот период, заштитувајќи се на тој начин од можни последици и несакани толкувања на она што го одлучиле.

Професор Беса Арифи од Штуловиот Универзитет во Тетово вели дека иако понекогаш одложувањата се оправдани и поради објективни причини, забележлива е тенденцијата на намерно одложување на процесите.

„Сето тоа оди во прилог на тоа што го пишуваше во извештајот на ЕК за нашата земја, каде јасно стои дека има уназадување во судството и дека постои големо влијание од политиката и од извршната власт врз судството. Таквиот начин на постапување на судиите може да се поврзува со таквото политичко влијание врз судството“, изјави професорката Арифи.

Овој период на предизборие е чувствителен, а донесувањето на каква било судска одлука сега, би можело да се толкува на различни начини после изборите, посочува Арифи.

„Toa e и лошото во целата таа приказна, зошто едноставно нивното постапување се поврзува со изборите и политичкото однесување, што не е во ред, бидејќи судството треба да постапува независно од политиката и да суди објективно и професионално врз основа на доказите, а не во врска со политичките случувања. Има такви индиции, кои сепак треба допрва да се докажат,“ изјави Арифи.

Дека судовите се независни институции кои треба да си ја вршат работата независно од движењата и процесите во општеството, потсетува и професор Темелко Ристески од Универзитетот ФОН. Сепак и тој го забележува како што вели тактизирањето на одредени судии да донесат конкретни судски одлуки.

Се тактизира со донесувањето на важни судски одлуки, со цел да се избегнат одредени критики или последици во случај на донесување на одлука која не е поволна за една или друга политичка гарнитура, има индиции за такво нешто, вели Ристески.

Сепак, тој посочува дека понекогаш одложувањето е резултат на недоволните и ненавремени подготовки за почеток на судењето.

„Судијата мора да предвиди сè и да се подготви целосно пред да го закаже рочиштето, што значи да не се јави потреба од одлагање на главниот претрес. Но, сепак има и тактизирање од страна на правосудните институции кои очигледно се ставени во функција на сервис на владејачката гарнитура, а не сервис на граѓаните," заклучува Ристески.

Вчера со образложение дека има технички пропуст, беше одложено судењето на граѓанскиот активист Павле Богоевски. Тој е обвинет за учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Претходно пак на неопределено време, беше одложено и рочиштето за случајот „Пуч“, бидејќи двајца нови поротници немале безбедносни сертификати. Неколкупати досега беше одложувано и судското рочиште за предметот „Диво насеље.“

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG