Достапни линкови

Костуранов со ликовниот патопис „Скршнувања“ во галерија МКЦ


Ване Костуранов, сликар
Ване Костуранов, сликар

„Скршнувања“ е насловена 12-та самостојна изложба на Ване Костуранов, што на 4 ноември, во 20 часот, ќе биде отворена во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Станува збор за постановка на која струмичкиот уметник ќе го претстави циклусот насочен кон „истражување на непознати места, предели, светови до кои се стигнува единствено доколку се заталка надвор од просторот заробен со одредници, што пак, е првиот чекор во авантурата на секое патешествие – физичко, ментално, уметничко...“

По „Небо во лицата“ во февруари 2013, „Улица љубов“ во март 2015 година, еве го Ване Костуранов повторно во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Овојпат од тихувањето и творечкиот немир во неговото атеље во Струмица ни доаѓа со делата од својот нов циклус „Скршнувања“. Во своето писание за постановката, архитектот Јован Ивановски, меѓу другото, ќе забележи дека уметникот, како и во своите претходни творечки фази, „инспирацијата ја побарал во неговата натсвесна потреба да се разберат, објаснат и претстават животните односи во сопственото окружје, во обидите да се пронајде смисол и ред најпрво во својот, а подоцна и во заедничкиот свет“.

Ване Костуранов знае да каже дека тој верува дека се работи за некои емоции и инспирации кои се таложат со тек на времето и кои кога се созреани имаат потреба да излезат. Вели дека така мисли или барем чувствува и дека таков е случајот и со сликите од неговиот нов циклус. Дополнува дека после неколку патувања во изминативе години еве се случува да се променат куќичките што беа присутни во „Улица љубов“ и од куќи-индивидуи, повеќе куќи претставени како луѓе, да се претворат во цели градови. Во доживување на една друга реалност.

„Тие скршнувања сега, во новите слики, повеќе се насочени кон патувањата. Во смисла дека е потребно малку да скршнете од рутината, од секојдневието, да не кажам и од реалноста за да се соочите со една друга реалност. Да откриете нови места, нови градови. Е овие скршнувања сега се еден вид патопис за моите патувања изминатиот период“, вели тој.

Ване Костуранов, сликар
Ване Костуранов, сликар

Прашан за тоа дали скршнувањата се еден вид негов обид да се заштити себе и најмилите, сопствениот свет, од оваа сурова реалност во којашто живееме, Костуранов вели дека тоа е веројатно така и дека верува дека е токму тоа и го прави.

„Во оваа сурова реалност тешко е да останеш свој и да не влезеш во тој лавиринт. Едноставно да не те понесе целото тоа и еве да ги задржиш на некој начин тие работи, можеби за некого мали, неважни работи, но за мене најважни – семејството, љубовта“, вели Костуранов.

Инаку, натаму во текстот Ивановски забележува дека „патиштата по кои минува(л), Ване ги претставува на својот вообичаен начин, секогаш искрен и топло наивен и со препознатлива доза на „детска невиност и моќ“ во уметничкиот израз, одраз на неговата карактеристична елементарна перцепција која ја сведува, но не ја упростува стварноста“.

На ова уметникот вели дека тоа е неговото видување и дека не би знаел колку самиот може да го коментира, но истакнува дека него како творец и мнозина други токму така и го доживуваат.

„Тој стил, тој начин на изразување едноставно тоа сум јас. Тој што ме знае лично тоа и не му е толку чудно. Потребата е да се биде свој. Да се биде искрен спрема тоа што го работам. Тоа прашање и јас често си го поставувам. Од каде потребата? Секоја нова серија слики и за мене е изненадување како што е и за публиката. Преку сликите и јас осознавам нешта за кои и не сум бил свесен дека се во мене. Не се работи за некоја концептуална изложба. Едноставно, нешто што се таложело во мене излезе на платното и еве сега го претставувам пред љубителите на ликовната уметност“, вели тој.

Дело на Ване Костуранов
Дело на Ване Костуранов

Костуранов појаснува дека ова е само почеток и дека приказната уште ќе се развива. Вели дека тој во еден миг само почувствувал да го покаже ова што досега е сработено, да го сподели со публиката и да види како потоа ќе се развива. Смета дека можеби ќе следи и друга изложба ако приказната продолжи во тој правец, но дека не би сакал сè уште да размислува за тоа бидејќи остава нештата како и досега да му се случуваат природно.

И колку за потсетување, роден 1979 година во Струмица, Ване Костуранов активно се занимава со сликарство повеќе од деценија и половина. Учествувал на повеќе групни изложби, а досега одржал и 11 самостојни постановки. За него хроничарите ќе забележат дека уште како дете повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Од таму, како што ќе напише неговиот пријател поетот Никола Маџиров, „тој несомнено е сликар – поет. Пишува поезија со бои. Неговите платна се песни, а секој нов циклус и нова стихозбирка натопена со емоции“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG