Достапни линкови

Локомотива со Платформ(а) за современи изведувачки уметности


Телемама, музички проект на визуелната уметница Драгана Заревска
Телемама, музички проект на визуелната уметница Драгана Заревска

Од денеска до 30 октомври, во Кино Култура, со низа претстави, арт перформанси, презентации, кампањи и дискусии на домашни и интернационални уметници, ќе се одржи воведното издание на ПЛАТФОРМ(а) – новата континуирана програма за современи изведувачки уметности зад која застана Локомотива - Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата во соработка со Театар на Навигаторот Цветко со намера да стори чекор напред во напорите за поттикнување на развојот на овој тип уметности во Македонија.

ПЛАТФОРМ(а) е нова програма на Локомотива како дел од Кино Култура - простор за современи изведувачки уметности и современа култура и претставува еден чекор напред во нивните напори за поттикнување на развојот на современите изведувачки уметности во Македонија. Таа во некоја рака доаѓа како замена за Локомоушн-фестивалот за современ танц и перформанс, кој овојпат, по осумте изданија, ќе биде ставен во мирување поради бројните препреки со кои организаторите през годините со соочувале како финансиските потешкотии, клиентелизмот во институциите и субстандардните работни услови, кои од своја страна сериозно ја попречувале можноста стратешки да се планира и да се создава програма што ќе доликува на еднаш веќе промовираната и заживеана идеја.

Така принудени „тактички да дејствуваат и да реагираат брзо“, тие се решиле да го прошират форматот на фестивал во континуирана програма на Платформ(а) за современи изведувачки уметности која, пак, ќе им овозможи тактичко планирање и акција, како и презентација на различни активности во полето на современите изведувачки уметности во период од една година.

„ПЛАТФОРМ(а) е програма која може да се разбере како механизам, кој има намера преку различни тактички акции да го зачува просторот за современи изведувачки уметности, кој во Македонија е се помалку видлив и може да се рече дека полека исчезнува. Сакаме преку тоа да отвориме и прашања и дискусии што се денес и како се развиваат овие уметности, какви се нивните концепти, како се развиваат и кои се моделите на презентација, кураторските модели, како и теоретските и филозофски идеи, позади нив“, вели Билјана Тануровска–Чулавковски.

Петдневните активности ќе започнат вечерва во 20 часот, со изведба на претставата – перформанс „Иднината прочитана во Бетон и Камен“, во кој авторите ги истражуваат и читаат југословенските споменици од Народноослободителната борба, како еднакви остатоци на револуција и координати на новото општество.

Следниот ден, во Кино Култура, ќе биде изведена претставата „Празен глас“ во која изведувачите со попречен развој се претставуваат директно преку раскажување на своите лични приказни, сеќавајќи се на своите спомени, споделувајќи ги своите интимни признанија и изрази за својата попреченост, презентирајќи ја нивната состојба како социјална конструкција, со што покануваат на неопходното ослободување на можноста за различно социјални односи. Режијата на проектот е на Саша Асентиќ и Оливера Ковачевиќ-Црњански, а продуценти се Per.Art – Art и Inclusion Programme, за чие делување како независна организација активна во полето на современите изведувачки уметности во соседна Србија, ќе се говори на 28 октомври со почеток од 11 часот.

Петочната ноќ најнапред на публиката ќе и го дари перформансот „Зачувај го танцот“ на Сабрина Железник, перформер од Словенија и нашиот Климент Поповски, инаку слободен уметник и активен член на Локомотива и Номад танц академија Македонија, за да потем уследи концерт-перформансот или, ако милувате, „свечениот настан“ на ТЕЛЕМАМА. Во него, визуелната уметница Драгана Заревска или ТЕЛЕМАМА, сублимира неколку елементи од школските изведби од социјалистичката ера во кои и самата учествувала заедно со своите соученици. Всушност, во рамките на таа релативно конзервативна mise-en сцена, таа пее свои песни, изведени на укулеле. Нивната главната тема е тековната авторитарна политичка слика на Македонија и позицијата на индивидуата во тоа.

На 29 октомври, од 18.30 до 19.30 часот, ќе биде презентирана работата на Леви Гонзалес и Маријана Валенсија, гости од САД, потем и онаа на д-р Искра Шукарова како еден од основачите на современата танцова сцена во Македонија, за да сè кулминира со проекцијата на филмот „Светлата на велеградот“ од Чарли Чаплин за кој музика овојпат ќе селектира Дарко Јорданов, диџеј, член на ПИ-ЕМ-ЏИ КОЛЕКТИВ и соработник на Канал 103.

И, конечно в недела, на 30 октомври, во 20 часот, ќе биде изведена танцовата претстава „Рајска радина“ на Словенката Мала Клине, во која патем моментот на „сега и тука“ на театарското среќавање е во судир со царството на слики кои лебдат во тие простори, во надворешноста и во меѓупросторот на телата.

„Како дел од програмата имаме разновидни настани. Од оние кои се однесуваат на критичката пракса, односно разговори и дискусии по претставите до главното, односно проекти коишто се движат во полето на пост-драмскиот театар, современиот танц, перформансот, делот на визуелните уметности и оние кои спаѓаат во поширокото поле на современите изведувачки уметности. Се надеваме дека овој почеток е најава за една Програма која ќе трае подолго од планираното и ќе се одвива во поблагопријатни услови“, дополнува Тануровска–Чулавковски.

Инаку, програмата на ПЛАТФОРМ(а) се реализира во соработка со Кооператива-регионална платформа за култура, Фридрих Еберт Фондација-Канцеларија Скопје, Еуростандард Банка А.Д Скопје, Осигурување Македонија а.д. Скопје - Виена Иншуренс Груп, Хотел Мериот Скопје, GPS/Global Practice Sharing и Балкански фонд за култура и уметност.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG