Се уште нема конкретна стратегија по вчерашниот отворен пленум на УКИМ, на кој, како што информираат од Студентскиот пленум, се разговарало за решенија за проблемите на студентите. По студентскиот референдум на кој мнозинството студенти се изјаснија против тоа СПУКМ да остане невладина организација, од Пленумот ќе организираат уште неколку дебати по кои ќе се прецизира конкретната стратегија која ќе биде претставена пред Сенатот. Од Пленумот се надеваат дека Сенатот ќе го следи мислењето на студентите за студентското организирање.
„Има сенатори кои што се на наша страна, има и такви кои се против, што е разбирливо. Се надеваме дека до седницата ќе надвладее нашата опција и ќе успееме да ги убедиме да гласаат за моделот што ние го предлагаме“, изјави Борјан Ефтимов од Студентскиот пленум.
Моделот на студентско организирање за кое се залага Пленумот е СПУКМ да стане тело во рамки на Универзитетот, а со тоа да се зголеми контролата на парите кои оваа невладина организација ги троши, како и да има увид во начинот на кои се вршат студентските избори.
Во јули годинава беше фомирана Комисија во која учествуваа претставници на СПУКМ и Пленумци, но таа не успеа да донесе едногласен предлог до Сенатот. Во моментот постојат два модели по кој ќе треба да се изјаснат членовите на Сенатот, вели Горан Таневски од Пленумот.
„Доколку Сенатот не донесе одлука, сите факултети, единици на УКИМ имаат законска обврска да донесат правилници за сопствено студентско организирање на сопствените факултети, но се надевам дека нема да дојде до тоа и Сенатот ќе донесе одлука во рамки на своите овластувања“, изјави Таневски.
Професорот Ордан Чукалиев, кој е член на Универзитетскиот сенат, ги поздравува ваквите иницијативи и вели дека го почитува секој демократски начин на изјаснување на студентите. Не може да знае како ќе се изјасни Сенатот, зошто не постои ниту обврска за тоа да го направи, но уверува дека има расположение да се прифати моделот кој е сличен со барањето на пленумци, односно СПУКМ да стане дел од структурите на УКИМ. Но, Чукалиев укажува на долготрајната процедура за да се дојде до тоа.
„Треба да дојде до промена на Статутот. Мора да се промени статутот на УКИМ, но откога тоа ќе се направи, конечната одлука, односно усвојувањето на Статутот, треба да биде одобрен од Собранието. Процесот не е воопшто брз. Мора со промена на Статут, не може само со одлука на Сенат. Одуката на Сенатот би била промена за Статут“, дециден е Чукалиев.
Студентскиот референдум се одржа минатата недела. Истиот беше необврзувачки, а мнозинството од тие што гласаа се изјаснија за промени во студентското организирање.