Достапни линкови

Студентите гласаат за крај на неодговорното работење на СПУКМ


На УКИМ се гласа на необврзувачки референдум на кој студентите се изјаснуваат за поинакво студентско дејствување.

Без проблеми и во демократска атмосфера се одвива гласањето на студентите на денешниот необврзувачки референдум кој треба да покаже дали Студентскиот парламент ќе остане невладина организација. Во 9 часот започна гласањето на 20 факултети во рамките на УКИМ. Организаторите се изненадени од излезеноста и очекуваат референдумот да биде успешен. Следните чекори ќе ги договараат подоцна.

„По завршувањето на референдумот и по броењето на гласовите ќе договориме заеднички состанок на кој ќе бидат поканети сите студенти и заедно ќе ги формулираме идните активности. Се надевам ќе присуствуваат што е можно повеќе студенти, бидејќи сите се информирани за студентскиот парламент, така што не би можел во моментот да кажам за конкретни акции кои ги планираме во иднина, но можам да најаван собир на студентите на којшто ќе се дискутираат и планираат овие акции," вели Борјан Ефтимов од Студентскиот Пленум.

На Правниот факултет во Скопје гласањето течеше без проблем. Иван Коцев од Избирачката комисија на Правен, очекува до 17 часот излезноста да биде многу поголема.

„Гласачкото место беше отворено навреме, се досега тече во најдобар ред. Засега излезноста е 63 студенти за еден час и 45 минути. Очекуваме гласањето да продолжи да тече мирно до крајот на денот и да го видиме на крај резултатот од овој референдум“, вели Коцев.

Дел од студентите не беа информирани за денешниот референдум, а имаше и такви кои не сакаа да зборуваат пред микрофон. Оние похрабрите кои го остварија своето право на глас, велат дека референдумот е добар начин да се промени моделот на студентско дејствување и да се стави крај на, како што велат, неодговорното однесување на СПУКМ.

„СПУКМ не ги претставува интересите на студентите, туку некои повисоки интереси, односно интереси на одредена политичка партија. Исто така таа организација функционираше околу две години со нелегитимен претседател и затоа СПУКМ не требна да ги претставува интересите на студентите“, вели студентот Ратко Ајцев.

„Гласав затоа што ја поддржувам каузата на Студентскиот пленум за студентскиот референдум. Секогаш треба да се избориме за повеќе права“, вели студент на Филолошкиот факултет.

„Мислам дека е наше право. Досега не сме биле прашани и ова е вистинскиот чекор кон тоа да имаме пофер организации кои ќе ги застапуваат нашите права. Искрено не сме слушнале досега за тоа што СПУКМ работи, така што мислам дека тоа е нешто што треба да се промени“, вели студентка на Филозофскиот факултет.

Референдумот, според Пленумците е еден вид притисок врз сенаторите. Очекуваат тие да ја препознаат волјата на студентите и одлуката која треба да ја донесат за студентското претставничко тело да ја донесат врз основа на мислењето на студентите.

Моделот за кој Студентски пленум се залага е СПУКМ да стане тело во рамки на Универзитетот, зошто на тој начин ќе се зголеми контролата на парите кои оваа невладина организација ги троши, а ќе се има и има увид во начинот на кои се вршат студентските избори.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG