Достапни линкови

Растат тензиите со мигрантите на грчкиот остров Лезбос


Грчкиот остров Лезбос под товарот на мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:08 0:00

Грчкиот остров Лезбос под товарот на мигрантите

Неколку месеци по договорот меѓу ЕУ и Турција за затворање на рутата која лани ја искористија над милион мигранти, сега чамци полни со нив ретко пристигнуваат на грчкиот остров Лезбос. На големиот мигрантски бран потсетуваат само портокаловите појаси за спасување и издишаните чамци.

Меѓутоа илјадници мигранти и натаму остануваат заглавени во два кампа на островот кои не се доволни за нив.

Повеќето се во кампот Мориа, првично наменет за брза идентификација на вистинските баратели на азил од оние кои ќе бидат испратени назад во Турција.

Но, процесот за добивање азил е разочарувачки бавен, велат мигрантите.

Амнести интернешенел смета дека во кампот нема доволно храна, вклучувајќи и млеко за бебињата и оти условите за престој таму биле „екстремно нехигиенски“.

Шаторите се без греење, патеките меѓу шаторите се калливи од дождовите.

Камал Хасан Хусеин, 30-годишен Сомалиец, кампот Мориа го споредува со затвор, додавајќи дека сите се уморни од чекање за одговор на нивните барања за азил.

„Тешко е да контактира со семејството, тешко е да се јаде храната, тешко се спие, се е тешко, сите сме под стрес“, вели тој.

По протестот во минатиот месец во дел од овој камп избувна пожар по што илјадници луѓе беа принудени да го напуштат.

Полицијата истражува и наводно силување на пакистански тинејџер од страна на четири други Пакистанци. Жените велат дека тие се постојано исплашени.

Роланд Шоенбауер, портпарол на УНХЦР на Лезбос, наведува што најмногу ги погодува бегалците:

„Животните услови, пренаселеноста и вознемиреност во врска со иднината на овие луѓе. Тие чекаат и чекаат неколку месеци и им требаат одговори“, вели тој.

И покрај тоа што беа номинирани за Нобеловата награда за мир за нивната помош на бегалците, жителите на Лезбос почнаа да одржуваат протести, исцрпени од пренатрупаноста и насилството на островот.

„Наскоро тие нема да бидат во можност да ја издржат зимата. Тие ќе ги горат дрвјата за да се се стоплат и ситуацијата ќе излезе од контрола“, вели Фотис Папаефстратиу.

И вториот камп на Лезбос „Кара Тепе“ се соочува со тешки услови за живот.

Сиријката Фатеа Калета чека одговор на нејзиното барање за азил.

Нејзиниот сопруг и трите возрасни деца се веќе во Германија, додека таа остана во Сирија за да се обиде и да дознаете што се случило со нејзиниот син, уапсен пред три години, но без резултат.

Грција која е критикувана за одолговлекување на обработката на барањата за азил, вели дека има недостиг на луѓе за да се забрза постапката.

„Ние сме критикувани во Европа дека одложуваме. Тоа не е фер. Ние одложуваме но ние сме во фаза каде што е апсолутно сите поднесуваат барање за азил, апсолутно сите, а евалуацијата за азил треба да биде според меѓународните стандарди“, изјави министерот за миграција Јанис Музалас неодамна во парламентот.

Според Шоенбауер, Грција мора да се ослободи од голем број бегалци, во спротивно тензиите ќе се зголемуваат.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG