Соочено со предизвикот од тоа што се повеќе луѓе се раселени од конфликтите и војните, Генералното собрание на ОН го одржа досега првиот самит за решавање на големите движења на бегалци и мигранти, при што донесе политичка декларација.
„Декларацијата од Њујорк означува политичка посветеност со невидена сила и решеност. Таа го пополнува она што постојано беше празнина во меѓународниот систем за заштита, односно вистинската поделба на одговорноста за бегалците во духот на Повелбата на Обединетите нации“, изјави високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.
Заменик генералниот секретар на ОН, Јан Елијасон, наведувајќи дека една држава не може да се справи со проблемот доколку дејствува сама рече:
„Мора да работиме заедно повеќе од кога и да е. Ние треба да ги решаваме основните причини и да обезбедиме дека никој нема да го оставиме зад себе. И ние треба да им се спротивставиме на поларизирачките сили кои имаат за цел да влеат страв и да не поделат“, рече тој.
Но, декларацијата, која не е правно обврзувачка, не го вклучува и повикот на генералниот секретар Бан Ки-мун, годишно да бидат раселувани по 10 проценти од бегалците. Тоа за организациите за човекови права и хуманитарните групи беше оценето како недоволен потег.
При обраќањето на самитот, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, повика на поголеми колективни напори за да се одговори на предизвикот.
„Дејствувајќи заедно можеме да одговориме на зголемувањето на ксенофобија и да го претвориме стравот во надеж“, рече тој.
Миграциските текови не се нови, но невидениот бран на над милион мигранти во минатата година поттикна жестока поделеност меѓу земјите членки на Европската унија за тоа како да ја делат одговорноста за нив.
Елиjасон изјави дека меѓународната заедница е поставена пред предизвикот да создаде „нова иднина“, каде што мигрантите ќе бидат подобро интегрирани во општествата.
„Ова мора да биде иднината каде што мигрантите и бегалците, земјите домаќини и домашните заедници ќе можат да живеат заедно во хармонија, благосостојба и меѓусебно почитување“, изјави тој.
На самитот учествуваше и македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој меѓу другото, упати порака до Европската унија дека не може да ги заштити нејзините надворешни граници ако првин не ги обезбеди коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ.
Според податоците на Обединетите нации денес во светот има околу 65 милиони насилно раселени лица, меѓу кои над 21 милион бегалци, три милиони баратели на азил и над 40 милиони внатрешно раселени лица.