Достапни линкови

ЕУ неподготвена да прифаќа мигранти од Грција


ОН предупредуваат на опасности од мигрантската криза
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

ОН предупредуваат на опасности од мигрантската криза

Сериозни предизвици претстојат во справувањето со мигрантската криза во Европа. Ова го изјави вискиот комесар за бегалци на Обединетите нации Филипо Гранди. Тој притоа ја повика ЕУ да и помогне на Грција, односно да ја забрза релокација на дел од бегалците во други земји членки на Унијата.

Грција, која се бори да излезе од тешка должничка криза, беше главниот влез во Европа за речиси еден милион бегалци кои бегаат од војната и сиромаштијата на Блискиот Исток.

Илјадници мигранти и баратели на азил се смесетни во преполни кампови во земјата откако во почетокот на годинава стапи во сила договорот меѓу ЕУ и Турција за запирање на бегалскиот бран.

„Предизвиците се многу сериозни и ние треба да продолжиме да ги решаваме заедно. Особено во врска со условите за живеење, безбедноста во бегалските кампови и преполнетоста на островите“, изјави високиот комесар за бегалци Филипо Гранди за време на средбата со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Според него, неопходна е поголема организираност со оглед на доаѓањето на зимата.

Атина деновиве го повтори барањето Европската унија да го забрза преместувањето на мигранти и бегалци во другите земји членки.

Во меѓувреме се бараат и нови места каде што би биле префрлени бегалците кои се наоѓаат во преполнетите грчки острови.

Повеќето од тамошните кампови се под критика на хуманитарни организации, бидејќи имаат сиромашни, нехигиенски и небезбедни услови.

Европската комисија во минатата година осмисли план за прифаќање на илјадници мигранти од Грција и Италија во другите земји на Европската унија.

Според планот, 160 илјади мигранти би требало да бидат преместени во текот на наредните две години.

Но, досега само нешто околу четири илјади луѓе беа префрлени од Грција и Италија во други земји на Унијата. Со тоа стана очигледно дека тие и натаму не се подготвени да прифаќаат баратели на азил и бегалци.

„Во моментов имаме 7.000 лица кои се подготвени да бидат преместени, а се уште нема одговор од земјите членки на Европската унија, кои од нив би ги прифатиле“, рече грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас во Атина.

Тој најави дека заедно со неколку други министри во идниот месец ќе започне „дипломатска турнеја“ низ земјите членки за ова прашање.

Грчката влада соопшти дека на грчка територија во моментов имало над 58 илјади мигранти.

Музалас призна дека имало забавеност во решавањето на барањата за азил, но оти тоа било очекувано со оглед на бројот на пријавени кандидати и потребната анализа на барателите во согласност со меѓународното право.

Тој ги соопшти и резултатите од пописот на бегалците што во јуни го спровдоа грчката служба за азил и Високиот комесаријат на ОН за беглаци УНХЦР.

Според него, овој попис овозможил почеток на координација на хаосот што настана во февруари со затворање на таканаречена балканска рута.

Според бројките, 94 проценти се Сиријци, Авганистанци и Ирачани, а 46 насто се деца. Само Сиријците, Еритрејците и Ирачаните се опфатени со програмата за релокација.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG