Во неделата Радио Слободна Европа направи интервју со вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, во кое тој, покрај другото, вели дека нема премиерски амбиции и дека тоа се само злонамерни шпекулации со кои се сака некому да се наштети. Но Зока Зорин во постот на нашиот Фејсбук не му верува и вели: „Не смееш да имаш! Оти знаеш што те чека! А си помислуваш, не дека не, ама се тресеш од страв!“ Влатко Берковски полемизира со Зорин и прашува: „Од кого да се плаши, од аболицираниот криминалец Заев ли што бара федерализација на Македонија и албански од прво одделение?“ Зока Зорин му одговара и во друг пост вели: „На вас и да ви нацрта човек нема да разберете, чипот се вади само со лоботомија. Вам ви нема помош!“ И Игор Миленкоски реагира: „Влатко, барем ти даваат ли од штаб 500 денари за постирање глупости?“ Потоа полемиката продолжува околу буџетот, за што Истиот Влатко Берковски напишал: „Во време на ВМРО имаме буџет од 3 милијарди, се гледа враќа долгови, дава субвенции, домаќинско работење, од народ за народ“. Жак Скопје прашува: „Нормално ли е ова државиче да има 3 милијарди буџет??? Од каде толку пари, земај кредити и кради ги“. А Мухамед Машовиќ се смее и пишува: „Ме изнасмеа бе дете, да си жив и здрав, една врба 300 илјади евра, тој вика домаќинско работење“. Митко Симеонов, пак, бара од Груевски да си замине и напишал: „Остави ја Македонија и ДПМНЕ да дишат на раат“.
Во младинската он-лајн колумна на РСЕ, првиот човек на младите на ВМРО-НП, Дино Блажевски ги повикува младите да се охрабрат откако летниот период ја спласнал бунтовничката идеја кај нив. Кирил-Кико Пировски постирал прашање: „Кои млади? Па заминаа по светот, а останаа лепачите на плакати, а младите/децата на пратениците, министрите и останати фотељаши се надвор, како пример де“. Марина Смилева Прентоска додава: „Се охрабривме, отворивме фирми, секој ден во загуби работиме, инспекции секој ден редовно си чекаме за вашите џебови да ги полниме. Благодарам многу за вашата грижа, ептен сте загрижени за народот што го однесовте во бунар без дно“.
По ТВ темата на РСЕ дека „Чистката против Ѓуленистите во Турција стана лов на вештерки“ повторно се гледа поделеноста и на Турците во Македонија, но внимание привлекува постот на Харун Ватиќ: „Па штом целата интелигенција и елита се заедно не значи дека се непријатели против Турција, туку против диктаторот!“