Достапни линкови

Дневен печат – Политички потреси и природни земјотреси


Анализите на политичката ситуација во пресрет на изборите предвидени за во декември, но и серијата земјотреси кои го погодија Скопје се главни теми во дневните весници.

„Земјотресите ја поклопија политиката“ пишува Утрински за да додаде дека „Силни политички потреси по договорот за одржување на изборите на 11 декември засега нема, но зад сцената министрите во преодната Влада повторно се соочуваат со блокади и опструкции, што навестува бурен период до изборната пресметка“. Весникот објавува и друг наслов: „Изборите на половина пат - На Македонија ѝ претстојат уште две критични етапи до изборите. По распуштањето на Парламентот, кога изборниот процес нема да може да биде стопиран или вратен назад, се очекува кампањата да биде најзначаен индикатор за тоа дали има политичка волја за изборите да бидат кредибилни, а со тоа и признаени од меѓународниот фактор и од набљудувачките мисии“.

Утрински објавува и изјава на Заев во која „го повикува Црвенковски напомош за изборна победа“ и дека „од кабинетот на поранешниот претседател не сакаа да дадат никаков коментар за јавниот повик упатен директно до Црвенковски“.

Од друга страна, Вечер го обвинува Заев дека „Со двојазичност во цела Македонија, Заев ќе лови албански гласови!“, затоа што според консултираните експерти бил свесен дека нема поддршка кај македонското гласачко тело. Вечер ја објавува и реакцијата на СДСМ: „Пак не сте го разбрале Заев, сте направиле растурена сарма од новинарските стандарди“.

Слободен печат со реакција: „Евтини спинови на провладината пропаганда – Курир го нападна Заев дека сака двојазичност во цела Македонија“.

И повторно во врска со изборите: Утрински објави дека „ДУИ ќе предложи решение за Шестата изборна единица. Неофицијално, за ДУИ најприфатлива е опцијата гласачите во Дебар целосно да бидат префрлени во петтиот изборен регион, но е неизвесно дали ова би било прифатливо за ДПА“. Дневник пишува дека: „Албанската опозиција се мобилизира за предизборна соработка – помалите партии на Албанците заедно против Ахмети и Тачи?“

Интерес кај некои медиуми предизвика и најавата од Брисел дека се подготвува нов режим за влегување во земјите на ЕУ. Утрински излезе со наслов: „За ЕУ ќе се чекираме како за авион – Брисел потврди: Ќе има нов режим за влегување во ЕУ“ и ја пренесува изјавата на Јункер дека тоа е една од клучните регулативи со кои ЕУ сака да се заштити од тероризмот.

Дневник ја објави истата информација, но со ваков наслов: „Ќе го полниме буџетот на Брисел и ќе си плаќаме подобност – со 10 евра ќе нè проверуваат дали сме опасни за ЕУ“.

И на крај, не и како помалку важно: Утрински објави дека од првиот земјотрес во Скопје биле избројани 100 земјотреси афтершокови, но и забелешката дека „Три дена по првиот потрес, никој од првите луѓе кои ја водат државата не најде за потребно да им се обрати на скопјани, да ја сподели загриженоста и да ги охрабри да издржат во неизвесните денови“. Па го објавува толкувањето на социологот Илија Ацески кој смета дека: „Во моменти на политичка зовриеност, на дел од политичарите, особено на оние кои се повикани на некоја одговорност, им одговара таква ситуација на поголема опасност од некоја виша сила, бидејќи само за еден миг луѓето почнуваат да забораваат на тоа што до скоро било секојдневие и проблем, па стануваат свесни дека еве, има нешто многу пострашно“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG