Достапни линкови

Исламистички кампови за обука на Балканот?


Илустрација
Илустрација

Интернет магазинот Еуроактив, во своето издание на чешки јазик, пишува и дека токму на територијата на Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Македонија оперираат група радикали кои привлекуваат и тренираат нови членови во редовите на ИД.

Можно е да се реални и точни пишувањата на некои странски медиуми дека од земјите од Балканот, меѓу кои и Македонија, покрај што заминуваат борци во Исламска држава, функционираат и кампови за обука и регрутирање, коментираат аналитичарите. Интернет магазинот Еуроактив, во своето издание на чешки јазик, пишува и дека токму на територијата на Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Македонија оперираат група радикали кои привлекуваат и тренираат нови членови во редовите на ИД.

„Веројатноста дека на територијата на Македонија исто така има вакви центри за обука е сосема реална од аспект на тоа што досега ние преку сто граѓани од Македонија имавме евидентирано кои се бореа во редовите на ИД, а тие претходно морале да бидат и обучени и организирани“, вели безбедносниот аналитичар Благоја Марковски.

И според професорот по безбедносен систем Стојан Славески не треба да се исклучи можноста за постоење кампови во Македонија. Но, сепак, тој смета дека ако ги има, тие се мали.

„Веројатно врз основа на разузнавачки извори ги имаат тие информации, меѓутоа лично сметам дека некои поголеми кампови за обука да постојат, а тие да не се откриени од нашите безбедносни служби не е возможно“, вели Славески.

Во текстот на Еуроактив се споменува и дека на Балканот, меѓу луѓето по воените конфликти и покрај повторуваните амнестии се претпоставува дека има неколку милиони парчиња автоматско оружје, гранати и разни експлозиви. Тоа може да е огромна закана, предупредува европратеникот Томаш Здеховски кој е консултиран во написот. Според него, многу е важно во мрежата за размена на информации да нема „црни дупки“ која во голема мера, како што вели, останува Македонија, а се споменува и Босна и Херцеговина.

Според Марковски, тоа е така затоа што двете земји не се членки на Европската унија и на НАТО па размената на информациите со земјите членки е отежната заради законските процедури.

„Затоа Република Македонија неколкупати преку своите државни структури интервенираше и бараше поголема соработка и со Европската унија и со НАТО структурите за надминување на тој јаз од регулативите за да не се создаваат безбедносни ризици“, вели Марковски.

Меѓународните експерти, пак, препорачуваат, особено за Македонија и Босна, да има политичка одлука затоа што во другите земји на Балканот, како што велат, соработката е воглавно задоволителна. Во меѓувреме во Скопје полициските служби од Македонија, Србија, Албанија и Косово одлучија да ја интензивираат соработката и размената на податоци во борбата против тероризмот и организираниот криминал.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG