Државните институции се зависни од лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и од неговите најблиски соработници, е перцепцијата на мнозинството граѓани анкетирани од невладината организација АГТИС. Проверката на структуираната доверба во институциите, што ја спроведува оваа организација, покажува дека две третини од анкетираните немаат доверба во институциите и дека се незадоволни од нивната работа, затоа што сметаат дека процедурите во изминативе години се усложнети, дека повеќе плаќаат за услугите, има нови давачки, како и дека им е потребно повеќе време од претходно за да завршат работа на шалтерите.
Претседателот на АГТИС, Александар Цветкоски, вели дека резултатите покажуваат дека во јавноста е моќен впечатокот дека институциите во општеството го отстапија местото на проектите, а криминалот се толкува како снаоѓање во животот.
„Ако немате морални и основни репери мора со нешто да го замените, народот во нешто мора да верува и заради тоа проектите го зазедоа местото на институционалните активности“, објаснува Цветкоски.
Причините за ваквата ситуација, аналитичарот Сашо Орданоски ги гледа во создавање на еден вид државна религија, односно редефинирање на односот на народот кон институциите и кон водството.
„За секаква сакрализација на политика, за секаква нова државна вера или граѓанска религија ви е потребна Библија. Во нашиот случај Библијата се програмите за преродба. Само да ве потсетам, во 2006 година програмата за преродба имаше 116 страни, 2008 стигна до 200 страни, потоа 2011 до 284 страни, а последната во 2014 година има 400 страни. Зад тој теоретски и практичен обид за сакрализација на општеството стои сериозен обид за преточување во норми коишто ќе бидат напишани не само изговорени“, вели Ордановски.
Создавањето на нова реалност, каде што неморалното е нормално, влијае на менување на менталитетот и со тоа граѓаните сè помалку се подготвени на отпор на таквите негативни појави, објаснува Орданоски. Таа се потпира на контролата врз медиумите, образованието, кое е клучен сегмент каде што се промовираат нови вредности, потоа преку културата и архитектурата, до создавање на непријатели за да може да се обезбеди единство.
„Не се работи за случајна стратегија, се работи за добро смислен план во кој се вложени наши пари, јавни пари, но не се тоа едноставни редефинирања на работите, тоа сакам да кажам, дека како што е тоа конструирано една деценија, ќе биде потребно најмалку една деценија ако не и повеќе да се деконструира“, вели Орданоски.
Професор Мерсел Биљали вели дека денеска чесноста се доживува како срамота, а крадењето не се перцепира како криминал.
„При наши услови, во дилема сум дали имаме ние вистински институции. На секого му е јасно дека главна институција е телефонот. Телефонот знае да биде и парламент и министерство за здравство и за економија и Уставен суд“, вели тој.
Анкетираните граѓани сметаат дека проектите коишто ги промовира владата се потребни, но не сите се успешни. Како непотребен и неуспешен проект го сметаат Скопје 2014 каде против се изјасниле 80 проценти од анкетираните.
Според податоците од анкетата, речиси половина од анкетираните веруваат дека телефонските и интернет комуникациите државата и натаму ги следи, а нелегалните снимки се правени во македонската тајна служба, дека Груевски стои зад одлуката на Уставниот суд која му допушта на претседателот на државата да помилува, како и дека владата непотребно се задолжува.