Точниот број на сиромашни граѓани во Црна Гора не се знае, ниту се знае колку луѓе живеат во сиромаштија, но познато е дека најмногу сиромашни има на северот на земјата, пишува во анализата за сиромаштија дописничката на Црна Гора за РСЕ, Лела Счепановиќ.
Министерот за социјална работа и грижа на Црна Гора Борис Мариќ вели дека загрижува процентот на граѓани кои живеат во сиромаштија.
„Во системот постојат околу 83 илјади луѓе кои по разни основи добиваат социјална помош, но тој систем е така концепиран така што се држат сите тие луѓе под нивото на сиромаштија и во некои случаи треба да немате ништо за да добиете во суштина ништо, односно нешто од кое тешко можете да преживеете. Ако на тоа го додадеме и фактот дека до Министерството годишно пристигнуваат преку 180 илјади барања, тогаш можеме да заклучиме дека еден загружувачки процент од граѓаните, ова се егзактни податоци, се наоѓаат под новото на сиромаштија“, констатира Мариќ.
Апсолутната линија на сиромаштија во Црна Гора изнесува 186 евра. Така е уште од 2013, кога Државниот завод за статистика „Монстат“ направи пресметки, што значи дека околу девет отсто од населението има толку пари месечно на располаѓање за да преживее. Истражувањата покажуваат дека тој негативен тренд продолжува и расте, но „Монстат“ од 2013 не ги објавува податоците за сиромаштија.
Меѓународниот монетарен фонд минатата година забележа поразителни податоци. Од ММФ соопштија дека во последните седум години сиромаштијата се зголемува во земјите од Западен Балкан, а Црна Гора, заедно со Албанија, има најостар раст на стапката на сиромаштија од појавата на глобалната финансиска криза.
Најзагрозени се невработените, Ромите, раселените лица и дел од пензионерите од најниската група, кои добиваат по околу 100 евра месечно, а такви има околу 4.500 корисници.
Стапката на невработеност за минатиот месец е над 17 проценти, а просечната црногорска плата години наназад е двојно помала од вредноста на потрошувачката кошничка за четиричлено семејство.
Така кажува статистиката, но како сè изгледа кога бројките ќе се преточат во секојдневниот живот, зборува Фатима, Ромка, која е самохрана мајка на три малолетни деца. Таа зборува за секојдневната борба заегзистенција. Фатима вели дека откако добива по 192 евра месечно помош за мајки се чувствува посигурно, но дека најчесто повеќе се гладни, отколку што се сити, затоа што со тие пари храни седумчлено семејство.
„Завршив средна трговска школа, но никој не сака да вработи Ромка за продавачка. Никогаш Бирото за вработување не ме повикало, барем еднаш да ми најдеа работа, како што наоѓаат на другите“, раскажува Фатима зошто нејзиното семејство е сиромашно.
Нејзиниот десетгодишен син, момче со крупни црни очи, вели дека ретко добива пари за ужинка. Но, Фатима вели дека нејзините деца никогаш не проселе.
Од невладината организација „Банка за храна“ која од 2010 им помага на најзагрозените граѓани, заклучуваат дека сиромаштијата веќе се пренесува од генерација на генерација, а главната причина ја лоцираат во невработеноста.
Претседателката на организацијата, Марина Медојевиќ, вели дека ги загрижува тоа што нема начин и мерки да ѝ се застане на патот на сиромаштијата во ова мала земја.
„Меѓу сиромашните има голем број деца, значи најмалку од 10 до 15 отсто деца живеат во сиромаштија. Сиромаштијата е темел на нивниот развој и тоа се пренесува од генерација на генерација“, вели Медојевиќ.
Министерот Борис Мариќ вели дека луѓето кои примаат социјална помош од тие пари не можат да живеат.
„Многу луѓе кои се во системот бараат и еднократна помош, оти не можат да преживеат. Очигледно е дека во сиромаштија, може да речеме, живеат третина од црногорските граѓани“, вели министерот Мариќ.