Достапни линкови

Како црквите копираат едни од други


Добриот ученик на грчката црква, македонската црква успешно го има применето и системот на имотна недопирливост од страна на државата. Судејќи по пријавениот и непријавениот имот на црквата во Грција, таа е богаташ од категорија тешкаши, а да не зборуваме за данокот на имот кој тие успешно избегнуваат да го платат, пишува политикологот Соња Стојадиновиќ, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Пред неколку дена излезе во јавност вест дека грчкиот премиер Ципрас побарал да се почне со измени во грчкиот Устав. Предлог измените одат преку измени во делот - процесот на бирање на претседател и ставање на прашања на референдум, до промени во имунитетот и мандатот на пратениците и секуларизација на државата. Најавата на ваквите измени дојде во очи на не така далечната прослава на 200 години од воспоставување на модерната грчка држава, од 1821-2021. Што сака премиерот Ципрас да направи?

Сите се сеќаваме на главните точки од партиската програма на Сириза во очи на изборите во 2014 кога тој победи. Една од точките која бодеше очи беше и секуларизација на грчката држава. Единствениот чекор на еден атеист и секуларист кој тој го направи во краткиот период на неговото актуелно владеење е давање на заклетва како премиер пред Уставот, ама не и пред црквата.

Грчкиот Устав почнува со зборовите „Во име на светото тројство„,, а членот 3 говори дека доминантна религија е православното христијанство. Одвојувањето на црквата од државата сака да го направи преку воведување на граѓанска заклетва на сите избраници преку избори и останати високо позиционирани функционери. Можеби мала промена, но доста значајна ако се земе предвид колку грчката држава е поврзана со црквата.

Грчката црква во државата е omni present, а нејзината успешна копија егзистира и како канцер се шири во македонското општество. Благодарејќи на десничарската идеологија на ДПМНЕ, македонската православна црква успеа да се наметне во образованието со на сила воведувањето на веронауката. Пракса која како фотокопир ја презеде од грчката црква.

Црковниот великодостојник беше сеприсутен во поважните настани на грчките политичари од било која партија, нешто што последниве десет години го гледаме и кај политичарите на ДПМНЕ иако е јасно напишано во Уставот дека Македонија е секуларна држава. Ниту селска чешма, ниту мост од три метри не можат да се отворат или да почне да се градат, ако не се појави свештено лице. Успешно пресликување на праксата од „омразениот“ ни сосед.

Иако грчката црква не престанува со намерата да се меша во контролата над женското тело, сепак во Грција абортусот е легален од 1984 и нема никакви пречки за остварување на тоа право за разлика од кај нас кои со комплицирање на проедурата го доведуваат животот на жената во опасност. Нашите свештени лица не се ни потрудија да го послушаат Државниот санитарен инспекторат кога водата во Дојранското езеро ја прогласија за загадена од четврти степен, па си продолжија со крштевка на дете директно загрозувајќи му го здравјето.

Верата пред сè и над сè, па дури и над животот. Добриот ученик на грчката црква, македонската црква успешно го има применето и системот на имотна недопирливост од страна на државата. Судејќи по пријавениот и непријавениот имот на црквата во Грција, таа е богаташ од категорија тешкаши, а да не зборуваме за данокот на имот кој тие успешно избегнуваат да го платат. Но македонските ученици не заостануваат во практикување на лекциите. Многу тешко може да се утврди вистинската имотна состојба на македонските високо позиционирани свештеници. Никој до сега не направил истражување и не влегол зад ѕидините на хациендите и замоците на нашите „пресветли“.

Една од измените која Ципрас ја најавува во Уставот е и ограничување на мандатите на пратениците на два. Нешто што ние ако го примениме кај нас ќе може да доведе до завршување на постоењето на пратеничките метузалеми од типот на Љубисав Иванов Ѕинго и Амди Бајрам.

Целата процедура на менувањето на Уставот се планира да почне од септември оваа година и ќе помине низ два главни циклуса во кои ќе бидат вклучени интелектуалци, универзитетски професори, граѓански организации, индивидуалци, преку јавни дебати и директна вклученост на локалната самоуправа. Вториот дел од циклусот на креирање на промените предвидува јавна дебата на собранијата на 13 грчки региони.

Една несекуларна држава тргнува во секуларизација, иако тоа може и да не се реализира до крај знајеќи го влијанието и богатството на црквата во Грција. Еден од адутите на црквата е и дека тие имаат помогнато со 270 милиони евра како донација за отплаќање на една од ратите на грчкиот долг после почетокот на кризата. Грчката држава продолжува напред, а ни се допаѓало тоа на нас или не, имаат предлози кои би биле многу корисни за нас. Можеби е време да престанеме да се плукаме и колнеме, и да почнеме да ги преземаме корисните работи од нашите соседи. Не поради добрососедски односи, туку поради наше добро.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG