Достапни линкови

Напаѓачот во Минхен бил опседнат со масовни убиства


Шефот на германската полиција Хубертус Андрае изјави дека осомничениот немал криминално досие и не и бил од претходно познат на полицијата. Според него, мотивот и објаснувањето за нападот не се јасни.

Германската полиција соопшти дека не пронашла докази за поврзаност со милитантната група Исламска држава при претресот на домот на осомничениот за нападот во Минхен. Но, според полицијата, напаѓачот имал очигледна поврзаност со норвешкиот масовен убиец Андрес Брејвик.

Полицијата претходно соопшти дека трага по мотивот кој може да објасни зошто 18-годишното момче со двојно германско и иранско државјанство вчера отвори оган во трговски центар во германскиот град Минхен. Во нападот се убиени девет луѓе, а 16 други се повредени, пред напаѓачот да се самоубие. Засега единствениот осомничен е пронајден мртов околу 1 километар од трговскиот центар Олимпија каде што се случи нападот, застрелан во главата, очигледно од своја рака, соопшти полицијата.

Шефот на полицијата во градот, Хубертус Андрае изјави дека нападот нема врска со приливот на бегалци во Германија. Според него, напаѓачот бил опседнат со книги и текстови за масовни убиства. Нападот во Минхен се совпаѓа со пет годишнината од нападот во Норвешка при кој Брејвик уби 77 лица. Според Андрае, осомничениот немал криминално досие и не и бил од претходно познат на полицијата.

Портпаролот на минхенската полицијата, Петар Бек, соопшти дека се укинати безбедносните рестрикции кои беа воведени и дека јавниот транспорт работи нормално. Бек за новинската агенција Асошиетед прес истакна и дека се уште прибираат докази за случајот. Полицијата извршила претрес во еден стан во градот, но не соопшти дали се работи за станот на напаѓачот. По нападот германскиот политички врв одржа Совет за безбедност.

Тројца од загинатите при нападот, се државјани на Косово, јави косовскиот портал „Косев инфо“. Таткото на еден од загинатите на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека неговиот 21-годишен син е убиен од страна на „терористичка рака“.

Нападот во Минхен е трет голем акт на насилство врз цивили во западна Европа за осум дена. Минатата недела се случија нападот во францускиот туристички град Ница и во воз во Баварија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG