Достапни линкови

Западен Балкан во ЕУ за побезбедна Европа


Брегзитот нема да го загрози проширувањето на ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

Брегзитот нема да го загрози проширувањето на ЕУ

Проширувањето на Европската унија ќе продолжи, беше нагласено на вчерашниот самит за Западен Балкан одржан во Париз. Собирот беше уште еден обид на лидерите на Унијата да ги уверат балканските земји дека разговорите за пристапување ќе продолжат и покрај гласањето на Британија да ја напушти Унијата.

Францускиот претседател Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини по средбата со балканските лидери во Париз ја нагласија нивната решеност за продолжување на пристапните разговори со балканските земји кои бараат членство во ЕУ.

„Ние долго време мислевме дека Европа е во врска со правила, дисциплина, процедури, директиви, регулативи. Не, Европа се вредности, слобода, толеранција, но, исто така и барања за почитување на законите и мирот. Затоа ни е многу важно да продолжиме натаму“,

Оланд наведе дека треба да продолжи процесот за стабилноста и безбедноста на Балканот.

Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се во различни фази на пристапувањето во блокот.

„Тука, секоја земја е во различна позиција. Многу земји веќе ги отворија првите поглавија, други се уште работат на тоа. Но, сите земји јасно ставија до знаење дека тие го гледаат нивниот сојуз меѓу себе во силна поврзаност со Европската унија. Затоа, ние ќе продолжиме да го поддржуваме овој процес“, рече германската канцеларка Ангела Меркел.

Таа додаде дека одлуката на Британија за излез од Унијата ништо не променила во врска со тоа.

По самитот шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини изјави дека собирот дошол во посебно време кога е многу важно за Европската унија повторно да ја потврди нејзината подготвеност за европска интеграција на, како што рече, сите балкански земји.

„Секојдневно работиме со секоја од нив да направиме чекори кон европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Тоа еисклучително важно за мирот и стабилноста, но и за безбедноста на европските граѓани“, рече Могерини.

Во декларацијата што ја издаде француското претседателство на самитот се наведува дека учесниците од Западен Балкан повторно потврдиле дека нивната иднина е во Европската унија.

Тие, меѓу другото, потпишаа спогодба со формирање Канцеларија за соработка на младите. Канцеларијата која е формирана по углед на сличната канцеларија за соработка меѓу младите на Франција и Германија ќе има седиште во Тирана.

На собирот е најевена и помош од 150 милиони евра за инфраструктурни и енергетски проекти во регионот.

Самитот во Париз, на кој се говореше и за мигрантската криза и за опасноста од тероризмот, беше трет во серијата состаноци покренати во 2014 година со цел охрабрување на реформите и развојот на земјите од Западен Балкан. Договорено е наредниот самит да се одржи во идната година во Италија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG