Достапни линкови

Ристов со „Љубовен маратон“ по патот на комедијата


По цели шест години од „Жените на Џејк“, режисерот Никола Ристов, на сцената на Народниот театар – Штип, потпишува уште еден текст од веројатно најизведуваниот писател на Бродвеј – Американецот Нил Сајмон. Премиерата на комедијата „Љубовен маратон“ се обистини овој вторник, на 19 јули, во рамките на 31-то Штипско културно лето.

Режисерот Никола Ристов знае да каже дека повторно се нафатил да работи текст на големиот американски драматург и сценарист Нил Сајмон од две битни причини. Едната од нив е што смета дека текстот што го открил е фантастичен. Многу го бендисало како е напишан, а уште повеќе како се изградени ликовите. Од друга страна, сметал дека тоа ќе биде убава можност за една помлада екипа која долго се бори да се потврди како квалитет на сцената на Штипскиот театар.

Од таму сега вели дека е презадоволен од она што заеднички го сториле со актерите Виктор Арев, Ангелка Нашкова, Марија Минчева и Елена Шорова и дека добиле продукт што допрва ќе се развива и ќе ги полни салите.

Појаснува дека претставата говори за тоа како луѓето решаваат да направат некои работи кои не се својствени за нив, кои се проблемите со кои ќе се судрат, како треба да ги решаваат или како не треба да ги решаваат. Во тоа тој го видел и поттикот да посегне по текстот и да го отелотвори на сцена.

„Главниот лик е еден човек којшто постојано се бори со некои работи кои не му се познати. И некако се пронајдов во самото тоа бидејќи во годиниве што изминаа се судрив со еден куп работи кои не ми беа познати но морав да поминам низ нив. Зборувајќи со пријателите и со блиските сфатив дека сите поминуваме низ портите, се наоѓаме во некој вртлог којшто не сме спремни да го поминеме, но по налет на околностите тоа ни се случува“, вели Ристов.

Тој дополнува дека многу интересно изгледа таа негова борба. Како неговите замислени победи се порази. Како она што го смета за пораз всушност е победа и еден начин на созревање на самиот лик.

Говорејќи за себепронаоѓањето во жанрот, режисерот истакнува дека ако се земат во предвид претставите што досега ги работел („Тартиф“, „Вистински лаги“, „Мушичка“, „Гола до пола“...), излегува дека како некако полека да тргнал по патот на комедијата. Притоа појаснува дека овој тип на комедија, како „Љубовен маратон“ на пример, многу го возбудил бидејќи во случајов не станува збор само да се насмее публиката туку паралелно со тоа, длабоко под тоа, е сместена една стапица која што тера на размислување и на преиспитување на самите себе. Дека комедијата како жанр е добра за да се пренесе некоја силна порака условена од актуелната политичка или економска ситуација.

„Нам на сите ни треба малку олекнување. Да заборавиме на сè што се случува околу нас. Но, од друга страна и да се потсетиме на тоа дека, сепак, и ние можеме да влијаеме на сите тие случување. Некогаш помалку, некогаш повеќе, но дефинитивно можеме да влијаеме. Ако ништо друго можеме да влијаеме во нашите најблиски односи. Мислам дека тоа е правилниот начин да се пренесе една порака која ќе ги натера луѓето да сватат дека и покрај тоа што се случува околу, она како ќе продолжиме да го живееме животот зависи најмногу од нас. И зависи од фактот како ние ќе се однесуваме кон другите“, вели режисерот.

Инаку, Никола Ристов, во текот на изминатава декада професионална кариера како режисер и автор кој 2007 дипломирал во класата на Слободан Унковски и Златко Славенски, сем на матичната сцена во Народниот театар – Штип (лани ја режираше „Малограѓанска свадба“ од Бертолд Брехт), е присутен и во театарот „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ во Велес ( овде сем молиеровиот „Тартиф“, ги поставил и „Бетија“ по мотиви на Анџело Беолко Руцанте, ибзеновата „Нора“ и дипломската „Проклетството на изгладнетата класа“ од Сем Шепард) и во Македонскиот народен театар во Скопје („Лет во три глави“ на текст на Загорка Поп Антовска – Андоновска).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG