Достапни линкови

Пиво фест - Многу туристи и многу врева


Центарот на Прилеп буквално ќе врие, зачинет со пресилните мириси на скара и пиво, а наутро на фекалии. Најавите на организаторите - локалната власт и Центарот за граѓански иницијативи, дека ова, 14-то издание, ќе биде дислоцирано не се остварија.

Фестивалот на пиво и скара во Прилеп започна. Центарот на градот е целосно блокиран, во должина од неколку стотици метри просторни, каде се распродадени 30 штандови на неколку пиварници и многу скараџии. Сообраќајот во центарот на градот е пренасочен четири дена, се препорачува прилепчаните како домаќини своите возила да не ги управуваат, зашто вратите се отвораат за нови 20 илјади од другите градови и соседни држави. Се најавува посета на 350 до 400 илјади гости, што значи иселениот и раселен Прилеп со околу 70-ина илјади жители во центарот треба да собере уште пет пати повеќе туристи.

Иако оваа бројка е многу дискутабилна, факт е дека на пеколни жештини, центарот на градот буквално ќе врие, зачинет со пресилните мириси на скара и пиво, а наутро на фекалии, реа која се разнесува на сите страни. Најавите на организаторите - локалната власт и Центарот за граѓански иницијативи, дека ова, 14-то издание, ќе биде дислоцирано не се остварија.

„Ние живееме во центарот на градот, за нас колку што е добро е и лошо. Ние имаме потреба од дислокација, зашто оптоварени сме со гласна музика, нехигиена итн“.

„Можеби на Прилеп му треба Пивофест, но не ваков Пивофест. Скоро секаде пиво-фестивалите се одржуваат надвор од градовите,таму е и почисто, покултурно“.

„Сметам дека е гужва, ама сега не значи дека ако мене не ми чини, ова не вреди, јас и не одам. Мирис има од скарите, бучна е многу музиката, ама нормално, тие се запиени и ним не им смета“, велат анкетираните граѓани.

Па и покрај радости на многу прилепчани кои со нетрпение го чекаат Фестивалот на пиво и скара и на свој начин уживаат во 24-часовната забава, сè погласни се реакциите на многу други граѓани кои сметаат дека овој настан и во овие услови на политичка криза е всушност илустративен приказ на поговорката „Село гори, баба се чешла“.

„Во време на ваква политичка криза, ова изгледа во буквална смисла на зборот, ’селото гори-бабата се чешла‘, а во нормални услови е позитивно. Ако гледаме од културен аспект, не гледам некое големо влијание, ако гледаме од туристички – да, но сепак ќе се вратиме на финансиската криза, политичката ситуација, не дава реален сигнал дека сето ова сега е време за се случува“, вели еден граѓанин.

Многу фирми кои инсистираат на своја анонимност реагираат, зашто за нив е неприфатливо и натаму да се спонзорира оваа манифестација. Велат поканите од организаторите ги сметаат за форми на притисок, особено затоа што голем дел од нив имаат и контра ефекти од организацијата на Пивофест. Велат ќаруваат само кафеанџиите и хотелиерите, дел од старата чаршија, но другите дејности бележат негативни ефекти за овие четири дена, бидејќи центарот на градот е комплетно блокиран.

„Треба да се направи правилна пресметка на добивката и загубата од Пивофест, што значи вакви ѕвезди канење, колкави се хонорарите, дали тие навистина постигнуваат културен ефект“.

„Тие пари од така–онака, пак одат во државава, не одат надвор“.

„Најверојатно треба да размислат претпријатијата во Прилеп, коишто сигурно одделиле од буџетот многу за спонзорства и слична помош на локалната власт, и доколку не им смета да ги трошат парите во време на криза, додека граѓаните заработуваат толку колку што заработуваат, па нека слави народот“, велат анкетираните.

Од друга страна, организаторите на својата веб страна во една од, според нив, позитивните конотации на фестивалот го вброиле и првото пијанство.

Очигледно Пивофест е многу дискутабилна тема за прилепчани. Додека едни се пијанат, лудуваат до рани утрински часови, за други сиромашни граѓани ова е врв на задоволство, додека со чаша пиво и скара ги слушаат ѕвездите на турбо-фолкот и познати имиња од забавната естрада, наводно бесплатно, трети сметаат дека токму организаторите се најповикани за нивото што зрачи од овој настан

„Градот после тоа, иако брзо се чисти, мириса лошо и многу делува повеќе на селски панаѓур отколку на манифестација која што сакаме да ја прикажеме како нешто светско“, вели еден прилепчанец.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG