Достапни линкови

Неделниот печат ги анализира европските санкции и СЈО


Фокус пишува за кратењето на ИПА фондовите, Република дека со барањето за специјален суд, СДСМ го урива правниот систем, а Глобус ја анализира работа на СЈО.

Фокус - Татнежите од Брисел

За „Татнежите од Брисел“ пишува уводничарот во Фокус, а во врска со првите потези на ЕУ за кратењето пари на Македонија: прво 27 милиони евра од ИПА-фондовите, а набрзо потоа уште 69 милиони европски пари наменети за инфраструктурни објекти. И потсетува дека оваа „предодморска честитка“ во форма на санкции за груевци е најава дека досегашната реторичка закана за државата и за политичарите поединци почнала да се остварува. Тажно е, ама така е - вели уводничарот. Зашто, „додека премиерот и министрите им ја крадеа иднината на новите македонски поколенија, мислеа ли дека доживотно и немо странците ќе ја гледаат таа брутална разузданост. Дека политичката милост на ‛големите‘ е нееднакво пропорционална на нивната безмилосност во управувањето со парите и во сакатењето на сè што не сака и не може да биде како нив?“ – продолжува авторот. „Мислеа ли дека можат безмилосно да ги трошат нивните, странски, како што ги трошеа нашите, македонски пари? Таа приказна заврши“ – заклучува Фокус.

Република - СДСМ бара суд за политички прогон – Го уриваат правниот систем за да воведат инквизиција

Република, вообичаено, на насловната се фокусира на лидерот на опозицијата, па насловува: „Заев во нов голем криминал во Струмица?“, а во врска со најавите за формирање специјален суд во уводникот тврди дека „СДСМ бара суд за политички прогон – Го уриваат правниот систем за да воведат инквизиција“. Уводничарот објаснува дека „опозицијата и шарените платеници“, како што вели, во средновековен фанатичен стил се обидувале да воспостават инквизиторски систем со помош на „чадорот“ во кој самите ќе воделе истраги, ќе суделе и казнувале политички неистомисленици, обвинувајќи го СЈО дека работело во корист на СДСМ. И дека „ваквото лудило на опозицијата“ - како што пишува, се спроведувало поради целосната политичка инфериорност и недостиг од креативни идеи за политички натпревар што требало да ја одржува кризата во живот по секоја цена.

Глобус - Го држи ли Катица Јанева пехарот на изборната победа?

„Го држи ли Катица Јанева пехарот на изборната победа?“ - прашува во главниот текст Глобус, користејќи ја официјалната бројка – 2,4 милиони „жители“ на Македонија: „Игнорирањето на актуелниот избирачки список значи дека можат да се одржат и регионални, балкански избори и пак ќе победи Груевски. Бројката на ‛жителите‘ е јасен показател како тоа ќе го направи. Но, некој како да ветува спектакли на политичката сцена. Расположената Јанева како да навестува дека таа го држи пехарот на следната изборна победа“ - предвидува авторот на текстот, одејќи на следното прашање: „Груевци како да се потсмирија во последно време со лицитирањето со датумот на изборите, дали сте забележале?“ Глобус продолжува дека дел од јавноста е зачуден зошто постои леснотија со која и опозицијата прифаќа релативно скорешен датум за избори во периодот октомври – ноември. Па ја кажува поентата: „Голем дел од оние кои се обидуваат да погодуваат гледаат кон СЈО и евентуално ‛големата парада‘ која можат да ја предизвикаат специјалните обвинители, која, пак, би донела масовен и дефинитивен пад на угледот на дпмнеовските раководители!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG