Достапни линкови

Многу прашалници за новиот рудник во Битола


Дел од граѓаните изразија загриженост дека дополнително ќе го загади воздухот во градот во чија околина се наоѓа и РЕК Битола. Од „Стентон градба“ велат дека ископот на руда нема да ја загади околината.

Јавен собир за изградбата на новиот рудник за гранит на Билбил Камен над Битола бараат екологистите од здружението „За нас се работи“. Веќе подолго време рудникот ја бранува битолската јавност, а дел од граѓаните изразија загриженост дека дополнително ќе го загади воздухот во градот во чија околина се наоѓа и РЕК Битола.

„Целата постапка за добивање на концесијата е целосно нетранспарентна и недостигаат голем број одговори за истата. Предлагаме јавен собир, трибина или дебата, за која по писмен пат ќе поканиме претставник на концесионерот, претставник на Општина Битола кој е вклучен во процесот на издавање на Б интегрирана дозвола, како и лице од Министерството за економија и други министерства кои имаат ингеренции во слуачјот. Потребно е само да посочат датум и време кога се во можност да го обзнанат целиот процес со цел да ги решат дилемите кај граѓаните на Битола“, изјави Илија Балтовски од „За нас се работи“.

Деновиве група битолчани протестираше пред рудникот кој се гради во близина на магистралниот пат од Ресен за Прилеп кој минува над Битола. Тие бараа одговори дали рудникот ќе ја загади животнат средина со оглед на тоа дека најблиската населеба е на 800 метри.

„Секое утро стануваме и има чукање од пет часот. Нека се измери колку децибели е и да видиме дали е штетно за здравјето. И сонот ни го наруши, не само мене и на малите деца и на сите во околината.“

„Штетно е, прашина, бучава голема. До неодамна ние тука пошумувавме, сега тоа се руши.“

„Околу составот на рудата што ќе се ископува, експерт од комисија, која е надлежна за оваа област, во статија истакна дека составот на рудата што ќе се ископува ќе содржи повеќе од 3 проценти силициум, па ќе биде штетна за граѓаните“, велат битолчани.

Од „Стентон градба“ писмено одговорија дека се запазени сите законски процедури за отворање на рудникот и дека ископ на руда нема да ја загади околината.

„Имаме договор за концесија од Министерството за економија доделен е врз основа на соодветен документација, договор за концесија за детални геолошки истраги, за експлоатација на минерална суровина, геолошки елаборат, студија и решение за одобрување на струдијата за влијанието врз животната средина одоброено од надлежното министерство, проект за заштита од води, сообраќајна согласност за приклучок на магистралниот пат Битола Ресен и друго“, пишува во соопштението на „Стентон.“

Од таму додаваат дека со работата на рудникот во општината каса ќе се инкасираат 100 илјади евра.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG