Достапни линкови

Дневен печат – Избори со една партија


Тоа што само ВМРО-ДПМНЕ од големите политички партии поднесе кандидатски листи за изборите закажани за 5 јуни е главна тема во дневниот печат.

Значи, „ВМРО-ДПМНЕ поднесе листи, СДСМ, ДУИ и ДПА не одат на избори“, информира Утрински, додавајќи дека со доставувањето на кандидатурите се комплицира евентуалното одложување на изборите, но тоа сè уште било можно.

Македонија има повеќе гласачи од жители, а ќе има уште повеќе?!
Слободен печат

Утрински оди и со ваков наслов: „Весела математика со бројот на гласачи – опозицијата се сомнева во точноста на базата на податоци на МВР од каде што заменикот министер Чавков пресмета дека во Македонија има над 2,4 милиони државјани“. Слободен печат вака реагира на оваа вест: „Македонија има повеќе гласачи од жители, а ќе има уште повеќе?!“

Слободен печат со ваков наслов ја објаснува одлуката на ДУИ да не оди на избори: „Ахмети му заби нож во грбот на Груевски, изборите ги спасува Јанко Бачев?!“

Утрински навестува дел од преговорите меѓу четирите партии со странските посредници: „ВМРО-ДПМНЕ за избори во септември, СДСМ на неодредено – иако поместувањето на изборите е сè поизвесно, неизвесен е новиот термин“. Вечер во својот препознатлив стил: „Заев: Не сум за избори со фиксен датум – кад тад може да се одржат – Заев побара условен датум за избори, во превод, избори никогаш, а можеби ни тогаш“.

Вечер оди и со ваков наслов: „Аболицијата се повлекува на 15 мај – договорен нов датум за избори? Дотогаш теренот ќе го подготвува Влада на широка коалиција“. Оваа информација весникот ја дознал од висок партиски извор на Бихаќка, иако, вели, од СДСМ немало официјална потврда за тоа, како ни од владејачката партија.

Дневник на насловната ја објавува анализата на Велиновска со наслов: „На волшебникот од Оз му се брза со планот – федерализација на Македонија и договор за шарено име до 8 јули“.

Само Утрински ја објавува реакцијата на ЗНМ кое ги „Осудува повиците за линч против новинари“ објавени во Дневник исто така од страна на Велиновска, како „еклатантен пример на говор на омраза и повикување на насилство“.

Вечер и Дневник ја објавуваат најновата анкета на Институтот „Павел Шатев“ во која, како што пишува, поддршката на владејачката партија и лидерот Груевски расте, а на СДСМ и на Заев опаѓа. „ЕБОР ги намали прогнозите за раст на Македонија од првичните дадени во јануари годинава – растот ќе биде 3,2 отсто, а догодина 3,5 отсто“ - објави Утрински.

Нова Македонија, преку интервју со Сем Вакнин, кој инаку едно време му беше советник на Груевски, ги објаснува предизборните пораки на Доналд Трамп: „Трамп е голема закана за Македонија – тој се залага за повлекување на Америка од Европа и зближување со Русија, а тоа е лошо за Македонија“.

Ама затоа ние си го имаме првиот на Балканот хотел „Мериот“ отворен деновиве на плоштадот Македонија, вреден околу 30 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG