Судири, тензии и приведени демонстранти беше сликата на ланскиот петти мај по протестите предизвикани од објавувањето на таканаречените бомби на опозицијата за смртта на Мартин Нешковски, а ситуацијата денеска кулминира со продлабочувањето на политичката криза и појавата на таканаречената „Шарена револуција“. Времето како и на овие протести беше исто, секој ден во 18 часот пред Влада, а беше ист и организаторот движењето „Протестирам“ кое тогаш за прв пат се појави во јавноста.
„Денешните снимки се доказ за убиството кое оваа Влада проба да го сокрие, за полициската бруталност за која Министерството за внатрешни работи не презеде одговорност“, се велеше во еден од повиците.
Протестите на 5 мај од мирни, ескалираа, при што демонстрантите фрлаа јајца, домати и камења кон институцијата, по што се судрија со полицијата која ги растера кон околните улици. На улиците беа извадени и водени топови, а демонстрантите запалија неколку контејнери.
Студентскиот пленум објави видео снимки дека специјалци влегле во читалната на библиотеката Браќа Миладиновци и насилно извлекувале студенти под сомнение дека се демонстранти.
Додека народот се собираше на протест пред Владата, тогашната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на вонредна прес-конференција истакна дека не чувствува одговорност за убиството на Мартин Нешкоски, ниту пак планира да си поднесе оставка. Протестите резултираа со 38 повредени полицајци и еден цивил, додека 30 демонстранти беа приведени. Еден од демонстрантите доби затворска казна, а другите условна.
Македонија наредниот ден се најде на страници во светските медиуми, а Јанкулоска изјави дека полицијата не ги пречекорила своите службени овластувања. Но, тоа беше почетокот на крајот на Јанкулоска на функцијата. Таа беше сменета на 12 мај заедно со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков по настаните во кумановско Диво Насеље.
Протестите и покрај нивните оставки продолжија бидејќи демонстрантите бараа итна оставка и преземање одговорност на целата Влада, итно ослободување на сите активисти кои беа притворени и формирање на Влада за демократизација на институциите.
Неколку денови подоцна на 17 мај се одржа голем антивладин протест во организација на СДСМ и граѓански организации. Еден ден подоцна поддржувачите на власта, организирани од ВМРО ДПМНЕ се собраа пред Собранието. Се појавија шатори на поддржувачите на едните и другите, а протестите продолжија на 5 јуни.
„Нема правда нема мир“ се извикуваше и тогаш, а слоганот повторно стана актуелен речиси една година подоцна на 12 април кога „Протестирам“, повторно излезе на улица. По тензиите и судирите со полицијата, движењето сега својот револт го насочи кон институциите и спомениците од проектот „Скопје 2014“, но незадоволството како и минатата година и сега е насочено кон власта, а за политичката криза се уште решение нема.