Достапни линкови

Неисцрпна енергија и во пензионерските денови


Душка Гиевска, пензионерка од Куманово
Душка Гиевска, пензионерка од Куманово

Животната енергија од младоста, 69-годишната кумановка Душка Дуња Гиевска ја пренесува и во пензионерските денови. За неа никогаш не е доцна ниту да се вежба „зумба“, ниту да се пишува поезија или проза, ниту за членување во културно-уметничкото друштво на Здружението на пензионерите во Куманово.

Ако животната енергија се самоспознае во младоста, се прелева во зрелоста, таа не може да пресуши ниту во пензионерските денови. Таа го води човекот само напред, вели кумановката Душка Дуња Гиевска. Кога секојдневните работни обврски во канцеларија една деценија се минато, а деноноќието е кусо за да се довршат бројните идеи, невообичаено е за нашата, македонска, можеби и балканска жена. Не е невообичаено за Душка која и на 69 години како тајфун граба што повеќе да постигне.

Пензионерка сум десетина години. Членувам во културно-уметничкото друштво на Здружението на пензионерите во Куманово, во кое има хор, фолклор, драмска и литературна секција. Во сите сум член и активно учествувам во сите подготовки и манифестации што се организираат. А ги има многу.
Душка Гиевска, пензионерка

И за неа никогаш не е доцна ниту да се вежба „зумба“, ниту да се пишуваат романи, во кои успешно ги преточува мислите на хартија. Од многуте активности во набројувањето, во миг Душка може и нешто да испушти. Но, за сето тоа да се постигне и секаде да се стаса своја заслуга има добро семејство, безрезервна поддршка од сопругот и ќерката Милена (виолинистка), исполнето со бескрајна љубов и разбирање.

„Не знам од каде да почнам. Дури и дома добивам „комплимент“ дека сум хиперактивна. Секој ден и секоја вечер ми се исполнети. Пензионерка сум десетина години. Членувам во културно-уметничкото друштво на Здружението на пензионерите во Куманово, во кое има хор, фолклор, драмска и литературна секција. Во сите сум член и активно учествувам во сите подготовки и манифестации што се организираат. А ги има многу“, вели таа.

На сите проби е редовна, оти и утринското пеење во хорот и играњето во фолклорот со уметничка кореографија во која се негува македонската музика и игра, за неа се нешто возвишено. Привилегија, како што вели таа.

Душка не испушта да се вклучи и во дочекување гости, пензионери од другите градови во земјава, но и од поранешните југословенски простори, Бугарија или Албанија.

Тоа не е сè, како што раскажува Душка. Таа е член и на Друштвото на писателите во Куманово, на Меѓународно здружение на писателите со седиште во Црна Гора „Стихом говорим“, каде што како Македонка ја претставува македонската поезија, која што самата ја пишува.

„А, во последно време многу ме освои прозата. Изненадена сум, но ете уживам во тоа. Издадов два романа, веќе го пишувам и третиот. Активна сум и на фејсбук, а и таму сум член на неколку групи, со некои од нив издадовме и збирки поезија“, вели таа.

Иако, сиот свој живот другарувала со книгите, Душка е жена која не му овозможила на времето да ја прегази, та затоа и успешно се справува со новата технологија, со компјутерот и интернетот. И како што вели, додека повеќето од нејзините врсници не секогаш имаат разбирање за таа нејзина пасија, темпераментот како карактерна црта на оваа кумановка вели дека младиот дух се одржува и со следење на современите откритија. За неа застареното и анахроното е непознаница.

Интернетот и е прозорец во светот и преку него Душка комуницира и разменува мислења со пријатели од Белград, Загреб, Крушевац и Ниш, за кои вели дека и се поблиски, отколку некои што се во нејзиниот град.

„Ги чувствувам многу поблиски, отколку овие овдека со кои и немам што да зборувам, освен за времето, дали е многу топло или студено и како да се облечеме“, вели таа.

Ги ползува сите придобивки на цивилизацијата и додава дека не се навикнала да оди по продавници и да гледа што има, купува само што и е неопходно и знае каде да го бара. Не се навикнала да оди на празни комшиски кафе-муабети. Другарува само со луѓето со кои има заеднички теми за споделување.

Оваа пензионерка со сопругот речиси секојдневно пешачи по неколку километри, а својата психо-физичка кондиција ја одржува и со вежбање „зумба“.

Душка може да биде добар пример не само за нејзините врсници, за оние кои допрва ќе навлезат во седмата деценија, туку и за младите генерации. Таа вели дека основно е луѓето да се запознаат себеси, своите можности и да не се повлекуваат.

„И според тоа да чекорат, напред и само напред. Понекогаш не сме ни свесни колку се можеме. Не бадијала забележал Конфучие: „И најдолгиот пат започнува со првиот чекор“. Никогаш не се знае до каде може да се стаса, а далеку може“, вели оваа кумановска.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG