Достапни линкови

Можни економски последици од најавените санкции


Илустрација
Илустрација

Економистите велат дека засега нема место за паника во врска со штедните влогови на граѓаните.

Економистите со претпазливост гледаат на известувањето од Светската банка дека ќе ги блокира кредитите за општински проекти, при што сметаат дека чекорите првенствено се најавуваат за политичарите. Но, економистот Висар Адеми укажува дека, ако санкциите не дадат резултат, може да се случи на удар да бидат и граѓаните.

Нема што да се прави, ќе ја плаќаме цената на една политика која се водеше во фискалниот сектор, која се карактеризираше со континуирано задолжување и ненаменско трошење.
Слободан Најдовски, поранешен пратеник

„Може да се случи ако не дадат резултат овие првични мерки, да има црни листи на шенген, тоа да се удри и врз граѓаните, да може тие да направат поголем притисок врз нивното водство. Светска банка најави замрзнување на проектите. Но, тоа е од политички аспект, зашто Светска банка во изборна година не дава никогаш проекти“, вели тој.

Политиката на стопирање на парите за инфраструктурни проекти ќе има негативен одраз врз стандардот и квалитетот на живеење на граѓаните во Македонија, вели економистот Слободан Најдовски по најавите дека дел од меѓународните кредитори ќе ги стопираат средствата како реакција на продлабочување на политичката криза. Најдовски вели дека граѓаните сега ќе ги почувствуваат последиците од политиките на владата во изминатите неколку години.

„Кредитите за буџетска поддршка добро е што не се даваат, но кредитите за инфраструктурни промени треба да се земаат. Но, нема што да се прави, ќе ја плаќаме цената на една политика која се водеше во фискалниот сектор, која се карактеризираше со континуирано задолжување и ненаменско трошење на буџетот и ненаменски и нерационално се трошеа парите“, вели тој.

Како загрижувачки, Висар Адеми го истакнува фактот дека паниката е сè поизразена кај граѓаните кои размислуваат да ги подигнат парите од банките. Адеми укажува дека тоа ќе ја намали куповната моќ и ќе има ефекти врз економијата, зашто ако нема штедни влогови, банките нема да може да ги кредитираат компаниите и малите бизниси.

„Ако нема нормален тек на економијата, ако луѓето ги повлекуваат парите, ќе снема пари. Сега тоа владата го прави преку кредитирање од странство и ја држи таа снабдувачка и побарувачка на фиксно ниво. Моментот кога ќе секнат кредитите е прва работа, и втора работа, кога граѓаните ги земаат парите и ги чуваат под перница, тогаш има девалвација на денарот“, вели тој.

Според Најдовски, во овој момент граѓаните не треба да се плашат од девалвација. Но, ако дојде до драстично повлекување на штедните влогови и на депозитите од банките, тој нагласува дека може да се појават проблеми во монетарната сфера и ќе треба навремено да интервенира Народната банка.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG