Достапни линкови

Директниот допир на скулптурата на Ѓорев


Шеснаесет мермерни скулптури работени во последниве неколку години, дела на академскиот скулптор Горан Ѓорев, ќе бидат претставени на изложбата што од 18 до 31 март, ќе се одржи во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. За неговите дела, ќе биде забележано дека „се со споменични белези и пропорции, навестуваат, наликуваат, означуваат и назначуваат, но истовремено и потсетуваат, опоменуваат, ангажираат, обврзуваат!“.

По три месеца од првичното претставување во Струмица, Горан Ѓорев со актуелната колекција на скулптури ќе се обиде да ја предизвика и кумановската публика. Изложбата е планирано да се одржи од 18 до 31 март, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. На неа ќе бидат претставени 16 дела работени во бел мермер во последниве неколку години, творби за кои писателот Христо Петрески забележува дека „се со споменични белези и пропорции, навестуваат, наликуваат, означуваат и назначуваат, но истовремено и потсетуваат, опоменуваат, ангажираат, обврзуваат!“.

Во освртот на делата на Ѓорев насловен како „(Ин)Директниот допир на скулптурата“, Петрески пишува: „Од сите страни и агли на набљудување и гледање, односно (с)огледување, неговите лични и јавни скулптури, длабоко интимни и имагинативни, или нарачани и определени,го привлекуваат вниманието со својот волумен, простор(ност), површина, линија, боја... Тоа се категории, димензии, облици, контури, концепти, објекти, факти...Складно и хармонично, психолошки и технички (техницистички), Горан Ѓорев не води, прошетува и рашетува во и кон светот на грубата, статичка и сурова реалност, но и блазираната, посакувана и мечтаена фантазија...“

А, уметникот, пак, говорејќи за себе како творец, за инспирацијата, вели дека таа обично тргнува од природата. Дека неговото љубопитство се манифестира преку заинтересираноста за најразлични облици и форми на движење и поврзување.

„Овие скулптури изработени од бел мермер претставуваат актови. Жени. Фигурација. Некој спој, движење, поврзување на апстрактното со фигурацијата. Исто така во нив можат да се забележат антички и византиски елементи, што подразбира дека се обидувам да го поврзам минатото со сегашноста. Во некои од делата може да се види архитектонски концепт на формата со фигуративни елементи и претставуваат еден вид на макети на монументални споменици, еден вид на реалност. Тука се забележани, наликуваат, означуваат и истовремено потсетуваат на женските мотиви. Сеедно дали се предадени како реалистични или апстрактни структури.“

Роден 1976 година во Кавадарци, Горан Ѓорев дипломирал во 2003 година на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, отсек – вајарство во класата на професор Бранко Коневски, насока – конзервација и реставрација кај Благоја Кузмановски.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) и зад себе има неколку самостојни постановки и повеќе групни претставувања, а учесник е и на бројни меѓународни и домашни ликовни колонии.

„Првата самостојна изложба ми беше во 2005 година во Струмица. Две години подоцна се претставив во Куманово, па потоа следуваше и Неготино...Од таму ми беше сосема логично, по една цела декада, да тргнам по истиот пат...со таа разлика што овојпат веќе се договорени изложбите во Виница и Кавадарци, а во тек се и разговорите за претставувања и во останатите градови во Македонија. Има некоја најава и за изложба во Белград, во Србија, но за тоа ќе видам откако ќе заврши оваа договорена серија. Да, би сакал, да излезам со моето творештво надвор од нашата држава, но проблемот е што скулптурите се потешки за транспорт. Не се како сликите. Тешки се и нивното изнесување преку граница е попроблематично. Треба да се посвети особено внимание при транспортот.“

Инаку, Ѓорев живее и твори во Демир Капија. Во моментов е директор на тамошниот Дом на култура, но вели дека и покрај редовните обврски му преостанува доста време за да му се посвети на творештвото.

„Работам секојдневно по неколку часа...а тука се и викендите кои скоро редовно и се посветени на уметноста. На творештвото. Овие работи во мермер се работат надвор, така што во Демир Капија ги имам сите услови непречено да творам. Време се наоѓа. Само треба да се сака работата и да се има желба. Другото е неважно. Впрочем сè што работам има врска со културата. Како раководно лице се грижам за работата на театарот во Центарот, за фолклорните секции, за изложбите...значи сето тоа упатува едно на друго. Честопати сето тоа што го креираме со сите тие секции се обидуваме да го претставиме надвор од земјава, сме патуваме во Србија, Бугарија...и таквите посети се многу корисни, но повторувам ...секогаш наоѓам време за да и се посветам на уметноста.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG