И без оценката на Светската Банка, веќе повеќе години е јасно дека пензискиот систем во земјава е неодржлив на среден рок, велат дел од економистите, откако меѓународната финансиска институција укажува на овој проблем со кој ќе се соочи македонскиот пензиски систем. Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека владините мерки во пензиската политика не дале резултати и ја довеле во прашање исплатата на пензиите во иднина.
„Главната причина за неодржливоста на нашиот фонд се слабите приходи и дефицитот во пензиската каса кои се последица на една политика која оваа влада пензискиот фонд го третира строго во функција на политичко-партиска пропаганда, односно во прибирање на гласови за одржување на власт“, вели Најдовски.
Како причини кои го довеле пензискиот систем во лоша состојба Најдовски ги наведува политиките на ослободување на странските инвеститори од плаќање придонесе, зголемувањето на бројот на пензионери со носењето закони за предвремено пензионирање, како и ниската економска моќ на македонското стопанство.
Поранешната директорка на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, МАПАС Зорица Апостолоска вели дека оценката на Светската Банка е логична и дека веќе има последици во пензискиот систем и на краток рок.
„Овој исход следеше така што на пример како што беше намалувањето на процентот на придонесот кој се издвојува за пензиско и инвалидско осигурување кој драстично се намали од 21 процент на 19. Оттука од година во година приходите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се драстично намалени, а веќе се гледа дека на среден рок, па дури и на краток рок, има импликации во недостиг на приходи.“
Економистите укажуваат дека треба бргу да се реагира, бидејќи во спротивно пензиската каса во иднина да нема пари ниту за сегашните, ниту за идните пензионери. Според Апостолоска потребна е анализа која ќе го вклучи и демографскиот фактор.
„Тука вклучува преиспитување на стапката на придонесот, потоа на старосната граница. Реформите се потребни на првиот столб воопшто за да биде пензискиот систем праведен и за сегашните и за идните генерации.“
Според Најдовски најдобро е дефицитот да се надополни со пораст на македонската економија, но се сомнева дека тоа ќе се случи скоро. Од тие причини Најдовски не исклучува дека епилогот од досегашните политики да бидат болни реформи преку зголемување на стапката за придонеси или зголемување на старосната граница за одење во пензија.
Во оценката на Светска банка се вели дека моменталните трошоци за пензии стигнале до 9,6 отсто од бруто-домашниот производ во земјава, што е над просекот во земјите во Централна и Југоисточна Европа, каде што тој изнесува 9,2 отсто од БДП.