Достапни линкови

Храна на трпезата на Соколоски и трошки надеж


Откако на нашето радио ја објавивме приказната за семејството Соколски од Прилеп,тие велат дека добри и хумани луѓе им помогнале за малку да им ја вратат радоста и надежта дека животот може да им биде подобар. Трпезата не им е празна, девојчињата добиле компјутер, постои можност и за помош на болната мајка.

Хумани луѓе од разни страни на Македонија, им донираа облека, храна, но и минимална парична помош на семејството Соколоски од Прилеп, по сторијата објавена на Радио Слободна Европа, овој месец. Барем извесно време, велат Соколоски, трпезата нема да им биде празна, зашто од месечната плата на сопругот Жарко, им остануваат едвај 3.000-4.000 денари, поради наплатата на извршните решенија за стари комунални долгови.

Во овој период откако се објави оваа статија преку Радио Слободна Европа, добивме прилично добра помош и во облека, повеќе стара, износена облека, но сепак задоволни сме. Исто така добивме помош во храна, облека за децата и што најмногу ми значи дека децата мои се задоволни и малку посреќни, отколку што бевме претходно.
Васе Соколоска од Прилеп.

„Во овој период откако се објави оваа статија преку Радио Слободна Европа, добивме прилично добра помош и во облека, повеќе стара, износена облека, но сепак задоволни сме. Исто така добивме помош во храна, облека за децата и што најмногу ми значи дека децата мои се задоволни и малку посреќни, отколку што бевме претходно“, вели мајката Васе Соколоска.

Екипа од Меѓуопштинскиот центарот за социјална работа, го посети семејството. Законска можност за исплата на социјална помош нема, велат социјалните работници, затоа што сопругот Жарко има плата од околу 11.200 денари. Но, сепак ќе се обидат да и помогнат на Васе, да добие постојана парична помош, зашто таа боледува од дијабет, има пореметување на работата на штитната жлезда, висок крвен притисок и други проблеми поради што, не може да работи.

„Мислам дека веќе најдовме одредена можност, во делот на постојаната парична помош, како лице неспособно за работа и социјално необезбедено, а согласно со приходите што ги остварува целината на семејството да излеземе пресрет. Дополнително во соработка со невладините организации, како што е Црвен Крст и други хуманитарни организации ќе најдеме начин во заедничка соработка, нешто да помогнеме“, вели Живко Силјаноски, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

Радосни се и двете девојчиња, Мартина и Маријазашто хумани луѓе им подарија, по еден пар фармерки, патики и мачки, а имаат и компјутер. Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, исто така ќе го спонзорира издавањето на книгата чиј автор е Мартина. Накусо, дел од детските желби се остварени, но Соколоски и натаму ќе се соочуваат со своите животни проблеми. Жарко работи во градежна фирма,а нема пари, ни можност да ја реновира својата куќа. Па при секој дожд им капе во собите, ги демне опасност да им се урнат таваните врз глава.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG