Достапни линкови

Празен е животот на младите кумановци


Младите во Куманово се жалат на образованието, кога ќе завршат не можат да најдат работа, ако се вработат се жалат на условите и малите плати, имаат забелешки за културниот живот и својата иднина ја гледаат надвор од земјата.

Соочени со егзистенцијалните проблеми на своите родители, со тоа и нивни, изместениот систем на вредности во образованието, преокупирани со социјалните мрежи од кои виртуелната забава се обидуваат да ја пренесат во сопствениот реален живот, поголемиот број млади кумановци, особено средношколци, се чини трендовски својата иднина ја гледаат некаде надвор од државава. Некои имаат конкретни информации и знаат што сакаат, други пак мислат дека како и да е, таму некаде е многу подобро. Високообразованите и вработени во некоја приватна фирма имаат јасни визии како треба да живеат тука, иако со севкупните околности тешко се справуваат.

Лошо е. Професорите се лоши, а и програмата. Тестирањето, екстерно, исто така. Не сакаме. По средно на работа, ако најдам работа. Знам дека работа нема, а сакам да бегам некаде надвор. Не сум член на ниту една партија.“
Анкетиран граѓанин.

Второто полугодие е во тек, на големиот градски Плоштад во Куманово не ретко во претпладневните часови може да се забележат млади луѓе со мобилни телефони во рацете со кои се фотографираат или пак, седат на клупите. Во кафулиња поради беспарица одат еднаш или двапати за викендите. Како што велат, не се заинтересирани за културни настани. Матуранти кои наскоро ќе се здобијат со дипломи за машински и земјоделски техничар, прифатија кус разговор, велат дека нема да го продолжат образованието, ќе бараат работа иако им е добро познато дека тоа ќе биде многу тешко.

Запрашани за тоа какво е образованието, тие со свои забелешки.

„Лошо е. Професорите се лоши, а и програмата. Тестирањето, екстерно, исто така. Не сакаме. По средно на работа, ако најдам работа. Знам дека работа нема, а сакам да бегам некаде надвор. Не сум член на ниту една партија.“

„Сè му недостасува на образованието, а и не ми се учи.“

РСЕ: Како се забавувате?

„Не знаеме како, па побеснуваме по кафулиња.“

Оние кои завршиле високо образование велат дека недостасува пракса во текот на школувањето.

„Редовна пракса која би им го надополнила нивното знаење за да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Потребни се системски решенија, промени од корен во системот на образование, претпоставувам. Можеби интенциите за задолжително средно образование се исправни доколку тоа биде поткрепено со добра пракса за да можат тие млади луѓе да не го бараат својот леб надвор од тука или во високообразовни институции, да бидат остручени и тогаш да го решат своето животно прашање.“

Тешко се наоѓа работа во приватни фирми, а и кога ќе се вработат и покрај тоа што некои имаат некакво претходно искуство, наидуваат на несоодветен третман од работодавачите.

„Работодавачот не го валоризира доволно знаењето кое што го имате, а и не вложува во вашето дополнително остручување за подобро надградување на компанијата, за подобри работници и за подобра атмосфера, претпоставувам би било значајно.“

И културно-забавното секојдневие е без некои атрактивни содржини.

„Недостасуваат одредени културни и забавни активности со кои би ја задоволиле својата потреба за исполнување на своето слободно време кое што го минуваат пред компјутери, во безделничење, за жал и по кафе баровите и рестораните.“

Соговорниците велат дека егзистенцијалната потреба не можат долгорочно да ја задоволат. Во приватни фирми тешко доаѓаат до работно место, а и кога ќе се вработат во голем дел од нив, постојано ги притиска неизвесноста, непријатниот работен амбиент, несоодветно вреднување на нивниот труд и многу често менување на екипата со која работат. Можеби и поради тоа, младите по завршување на образованието својата иднина ја бараат некаде надвор од земјава.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG