Достапни линкови

Диво Насеље - Првообвинетиот делумно призна вина, па се пишмани


За тероризам и терористичко организирање се обвинети 29 луѓе. Првобовинетитот се изјасни делумно виновен, па ја повлече таа изјава. Според Обвинителството, ќе се докаже дека обвинетите со директна умисла го извршиле делото, првин во Гошинце, па во Диво Насеље. Од 29 обвинети, 18 се државјани на Косово, останатите се од Македонија.

Обвинетите за случувањата во кумановско Диво Насеље, денеска поминаа неколку часа на обвинителната клупа во Врховниот суд. Судењето е во Врховен за да се обезбедат просторни услови за процесот. За тероризам и терористичко организирање се обвинети 29 луѓе. Јавниот обвинител Наум Пановски при читањето на обвинителниот акт наведе дека според доказите со кои располага Обвинителството, во текот не процесот ќе се докаже дека обвинетите со директна умисла го извршиле делото.

Според обвинението, тие се обвинети дека на 21 април го извршиле нападот врз полициската станица во Гошинце, а во кумановско Диво Насеље единица за специјални задачи при МВР постапувајќи по судска наредба при вршење на претрес за да пронајде лица за настанот во Гошинце наишле на жесток напад од паравоена структура. Како што вели Обвинителството, криминално-терористичката група прво фрлила рачна бомба при што биле повредени многу специјалци, а потоа со рафални истрели од автоматско оружје го продолжиле нападот. При овој напад на 9 мај 2015 загинаа осум полицајци, а 42 полициски службеници беа тешко повредени. Јавниот обвинител посочи дека паравоената структура била сочинеа од државјани на Косово, кои имале логистичка поддршка од државјани на Македонија. Од 29 обвинети, 18 се државјани на Косово, останатите се од Македонија. Еден од обвинетите Арсим Бајрами работел во МВР до денот на приведувањето.

Пред почетокот на рочиштето одбраната побара изземање на јавните обвинители Вилма Русковска и Наум Пановски, оти сметаат дека истрагата не била завршена. Бранителите побараа да им се одговори на предлогот за невро-психолошко вештачење на обвинетите, затоа што, како што велат, дел од обвинетите не се во добра психо-физичка состојба за да може да дадат исказ.

Првообвинетиот Сами Укшини, познат како командант Соколи, пред Судот изјави дека се чувствува делумно виновен за делото за кое го товарат. По паузата, тој го смени исказот и како и сите други обвинети, изјави дека не се чувствува виновен за делата за кои се товари.

Пред почетокот на судското рочиште пред Судот имаше зголемено полициско присуство. Роднините на обвинетите рекоа дека нивните блиски не се виновни за делото за кое им се суди. Пред судот беше и Амбасадорот на Република Косово во Република Македонија, Илбер Хиса.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG