Достапни линкови

Полициска акција во Куманово за разбивање вооружена група


Пукотници и хеликоптери се слушаат во Куманово од рано утринава. Од МВР велат дека станува збор за акција за разбивање на вооружена група во кумановската „Дива населба“.

Повремени поединечни истрели од огнено оружје претпладнето се слушаат и во централното градско подрачје на Куманово, како и во Дива населба. За сега од Хируршкото одделение на кумановската Општа болница информираат дека имало четворица потешко повредени полицајци со прострелни рани и шрапнел, но поради сериозноста на повредите тие се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје. Нема информации за евентуални човечки жртви.

Инаку од раните утрински часови граѓаните на Куманово ги разбудија и ги вознемирија пукотници од огнено оружје и надлетување на хеликоптери над населбата Диво Насеље, на влезот на Куманово, од Скопје, каде што мнозинско население е од абанската етничка заедница. Пред осум часот неколку поединечни истрели се слушнаа и во централното градско подрачје.

Во населбата има концентрација на полицијата, а полиција е распоредена и насекаде во градот. Во Диво Насеље има и возила на итна медицинска помош, а очевидци велат дека има и повредени. Поради состојбата забрането е движење на возила од Зелениот пазар кон населбата.

Албанците кои живеат во оваа населба велат дека се вчудовидени, вознемирени и не знаат што се случува во нивната околина. Тие се револтирани за ова што се случува, но ги повикуваат граѓаните да останат смирени, со студени глави и максимално да соработуваат со полицијата доколку им влезе во домовите да врши претрага. Многумина од нив се исплашени поради што и апелираат да не се излегува од домовите, заради евентуално некој заталкан куршум. – Народот нема ниту за леб, а нема потреба и од никакви конфликти, велат тие.

Кумановци од другите етнички заедници сметаат дека сега е најпотребно единството на сите и сето ова да се надмине без провокации од каков било тип.

Од МВР за МИА потврдуваат дека се презема мерки за разбивање на вооружена група во кумановската „Дива населба“. Портпаролот на МВР Иво Котевски. Вели дека акцијата, која се одвива по претходно добиени оперативни сознанија дека во тој дел од градот има вооружена група, се уште трае.

Од МВР апелираат граѓаните да останат мирни. Од итна помош информираат дека имаат две екипи на терен во тој дел од градот, но и тие немаат детални информации за евентуални повредени лица.

Малкуте граѓани кои се охрабриле да излезат на балконите и во дворовите во Куманово, велат дека полицијата вршела претреси по куќите, јавува екипата на Радио Слободна Европа, која е на терен. Од полицијата утринава им рекле на жителите да затворат капии. Тие раскажуваат дека децата ги однеле по роднини подалеку од пукотниците.

Улиците низ Куманово се празни.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG