Договорот од Пржино го постави 24 април како датум за избори, а дотогаш треба да се создадат услови за кредибилни избори, порачаа амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав по денешната средба со премиерот Емил Димитриев. Амбасадорите велат дека до 20 февруари САД и ЕУ ќе оценат дали се исполнети условите за одржување кредибилни избори на 24 април.
Пред распуштањето на парламентот и не подоцна од 20 февруари, ЕУ и САД, во консултации со меѓународни и локални експерти, заеднички ќе оценат дали условите се исполнети за да се одржат кредибилни избори на 24 април.заедничка изјава на амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав.
„Договорот од Пржино го постави 24 април како датум. Тој исто така ги обврзува потписниците на структурни реформи, вклучително и мерки што ќе обезбедат поголема слобода на медиумите, пречистен избирачки список и спроведување на сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР со цел да се овозможат слободени и фер избори. Останува уште значителна работа за исполнување на тие услови. Пред распуштањето на парламентот и не подоцна од 20 февруари, ЕУ и САД, во консултации со меѓународни и локални експерти, заеднички ќе оценат дали условите се исполнети за да се одржат кредибилни избори на 24 април. На нашата средба со премиерот, ги споделивме критериумите што ќе ги користиме. Ги споделивме тие критериуми и со партиските лидери што го потпишаа договорот од Пржино и со кои тесно соработуваме многу месеци. Исто така ќе ѝ ги направиме достапни на јавноста“, се вели во заедничката изјава што амбасадорите Бејли и Орав ја прочитаа по средбата со Димитриев.
Тие велат дека одлуките сепак ги носат политичките лидери на Македонија. Амбасадорите рекоа дека ги охрабруваат сите партии, граѓани и организации да учествуваат на изборите и ги повикаа партиските лидери да се воздржат од напади врз јавни службеници, чија работа е да создадат услови за кредибилни избори.
„Таквата реторика не е од помош и ја подрива довербата дека може да се создадат услови за изборите да бидат прифатени како слободни и фер“, велат Бејли и Орав.
Претходно, лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција рече дека избори на 24 април нема да има. Тој тврди и дека ако се надминат отворените прашања за избирачкиот список и за медиумите, според законските рокови не е возможно да се организираат избори во терминот кој е претходно утврден во пржинскиот договор, а поради кој и собранието изгласа одложено распуштање.
СДСМ е доволно силен и моќен да не биде само нем набљудувач на еднострани одлуки на владејачките партии. За да има избори мора да има избор. Не мислам дека постои ниту мала можност за тоа. Фер, демократски и регуларни избори се императивот на договорот од Пржино.Зоран Заев, СДСМ.
„СДСМ е доволно силен и моќен да не биде само нем набљудувач на еднострани одлуки на владејачките партии. За да има избори, мора да има избор. Не мислам дека постои ниту мала можност за тоа. Фер, демократски и регуларни избори се императивот на договорот од Пржино“, рече Заев.
Тој тврди дека на медиумите и избирачкиот список власта била слаба и затоа преговорите за овие две прашања оделе тешко. Потребни се најмалку 85 до 90 дена за да се завршат сите подготовки за нивно одржување, вклучувајќи и теренско прочистување на Избирачкиот список, додава Заев.
„До 5 март, како што е по закон, а тоа е 50 дена пред денот на изборите, има 37 дена. Ако се стигне до 15 април, плус 50 дена, 5 јуни би можел да биде проектиран датум за избори. Ако се стигне до 15 мај, 5 јули би можел да биде првиот проектиран датум за избори“, рече Заев, кој е категоричен дека Државната изборна комисија требала да го одреди датумот за изборите, а не партиите да лицитираат со него.
Инаку, во разговорите на работната група која ја предводи посредникот Питер Ванхауте има нов развој на настаните, откако СДСМ пред два дена соопштија дека се повлекуваат од забелешките за методологијата за прочистување на избирачкиот список ако ВМРО-ДПМНЕ го прифати предлогот на посредникот Ванхауте презентиран во декември.
Во вторник се очекува поконкретно да се знае што ќе се случува бидејќи, според најавите, тогаш Ванхауте ќе свика повторна средба.
Ќе видиме што за медиумите ќе донесе посредникот во вторник, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ, повторувајќи го нивниот познат став дека за нив е прифатлив кој било закон од земја-членка на Европската унија.
„СДСМ со повлекувањето на забелешките призна дека намерно ги кочеле работите и ја држеле земјата во заложништво“, коментираат од владејачката партија, не прецизирајќи дали би го прифатиле веќе изнесениот предлог на Ванхауте за медиумите.
Во меѓувреме партиите ги очекуваат два нови рокови – повторната посета на еврокомесарот Јоханес Хан најавена за средината на февруари и веќе изгласаната одлука за распуштање на собранието на 24 истиот месец.
Двете други партии потписнички на Договорот од Пржино, ДУИ и ДПА, претходно ги повлекоа забелешките за методологијата што ја предложи ДИК, а немаа ниту покрупни несогласувања за медиумите. Тие исто како и ВМРО-ДПМНЕ инсистираат изборите да се одржат на 24 април.