Џон Кери изјави дека телефонски разговарал со иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф кој му рекол дека Техеран имал намера набргу да ги исполни своите обврски.
Кери додаде дека и американската администрација е подготвена да го стори истото.
„Министерот за надворешни работи ми стави јасно до знаење дека тие имаат намера да ги завршат нивните обврски колку што е можно побргу. Сега сме ангажирани околу нашите подготовки за тој ден кој би можело да дојде побргу отколку подоцна“, изјави Кери.
Тој го пофали Иран за испораката на скоро сите залихи на збогатен ураниум во минатиот месец и оцени дека со тоа драстично е намален капацитетот на иранската нуклеарна програма.
Според договорот постигнат меѓу шестте светски сили и Иран во јули минатата година, Техеран се согласи да ја намали неговата нуклеарна програма во замена за олабавување на меѓународните санкции.
Во меѓувреме, републиканците во американскиот Конгрес предложија закон кој веќе мина во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, што би можело да биде голема пречка за спроведувањето на нуклеарниот договор со Иран.
Министерот за надворешни работи ми стави јасно до знаење дека тие имаат намера да ги завршат нивните обврски колку што е можно побргу. Сега сме ангажирани околу нашите подготовки за тој ден кој би можело да дојде побргу, а не подоцна.Џон Кери, американски државен секретар
Со законот се бара Конгресот да има последен збор околу спроведувањето на договореното со Техеран.
Во таков случај администрацијата на Барак Обама нема да има право да брише од листата на поединци и фирми кои се под санкции.
Тоа, како што е образложено, е со цел да се задржи притисокот врз Иран за неговата поддршка на тероризмот.
Претседателот на Комитетот за надворешни работи Ед Ројс изјави дека Иран покажал оти не може да му се верува во врска со нуклеарниот договор.
Притоа тој наведе дека таа земја продолжува да ја развива нејзината програма за балистички ракети и со своите активности го продолжува крвопролевањето во Сирија.
Инаку, американскиот државен секретар изјави дека продолжува да работи со Кина во чекорите околу одговорот на последната нуклеарна проба од страна на Северна Кореа.
„Се согласивме дека во врска со ова прашање е невозможно да се дејствува како досега со цел да одговориме на нашата зголемена загриженост за нуклеарната проба“, рече Кери.
Во средата Северна Кореа четврти пат изврши тестирање на нуклеарна бомба. Пјонгјанг соопшти дека станува збор за хидрогенска бомба, но за тоа се уште постои сомневање во меѓународната заедница.