Достапни линкови

Скопје станува бетонска џунгла


Во 1990 година во скопските населби Дебар Маало и Буњаковец имало 21,6 отсто зелени површини, моментално има 13,9 отсто, а до 2020 година би останале само 4,5 отсто зелена површина.

Урбаното зеленило го намалува загадувањето на воздухот во градовите, ја зголемува безбедноста во урбаните средини, а влијае и луѓето да бидат поздрави и поактивни, посочуваат експертите.

Колку помалку паркови, и тие што се останати, луѓето нема да ги ценат, нема да ги заштитуваат. Дури и ако се сечат, луѓето нема да имаат некакво емотивно чувство кон тоа. Од друга страна, колку повеќе паркови имаме и повеќе го зголемуваме урбаното зеленило, луѓето повеќе се грижат за тоа.
Никола Нешкоски, невладина организација „Еко логик“.

Централната и локалните власти во изминативе години значително ги намалија зелените површини и јавниот простор во Скопје со изградбата на голем број станбени, деловни и административни згради. Беа исечени десетици дрвја, голем број на паркови беа покриени со асфалт, а на сметка на урбанизмот во континуитет се уништува и зелениот појас на планината Водно.

Познавачите на состојбите велат дека зелените површини влијаат и на психолошкиот развој на луѓето, односно дека ги смирува и ги прави попродуктивни. Никола Нешкоски од невладината организација „Еко логик“ посочува дека, според некои студии од Австралија, САД и од Швајцарија, дојдено е до заклучок дека со намалувањето на зелените површини во јавниот простор, луѓето сè помалку го ценат значењето на зеленилото.

„Колку помалку паркови, и тие што се останати, луѓето нема да ги ценат, нема да ги заштитуваат. Дури и ако се сечат, луѓето нема да имаат некакво емотивно чувство кон тоа. Од друга страна, колку повеќе паркови имаме и повеќе го зголемуваме урбаното зеленило, луѓето повеќе се грижат за тоа. Во овие студии е ставен аспект и на агресивноста на луѓето, нешто што го гледаме во сообраќајот во Скопје, каде што владее една страшна агресивност и од страна на возачите на автомобили и од страна на пешаците. Јас мислам дека постои голема поврзаност на урбаното зеленило со однесувањето на луѓето“, вели Нешкоски.

Бројни студии и научни истражувања од повеќе факултети за архитектура и урбано планирање укажуваат дека постојат многу начини на кои зеленилото ги подобрува условите за живот во урбаните средини. Покрај естетскиот, урбаното зеленило изолира големи количини на јаглерод диоксид (СО2), го намалува штетниот озон, влијае на количината на сончевата радијација којашто земјата ја апсорбира и потоа ја реемитира, ја намалува температурата во градовите и користењето на енергија.

Тимот на невладината организација „Реактор“ составен од архитекти и експерти за урбан развој го изработија проектот „Скопје расте“, кој го покажува зголемениот број на станбени единици во градските четврти Дебар Маало и Буњаковец и намалувањето на зелените површини. Резултатите од истражувањето покажуваат дека во 1990 година во овие населби имало 21,6 отсто зелени површини, моментално има 13,9 отсто, а до 2020 година би останале само 4,5 отсто зелена површина.

Урбаното зеленило е само еден аспект на создавањето на одржливи градови. Луѓето и властите кои се движат во оваа насока создаваат одржливи градови на иднината успевајќи да ги трансформираат нивните индустрии, јавниот простор и јавниот транспорт, но и нивните навики кои влијаат врз животната средина.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG