Достапни линкови

Специјалната обвинителка и лажните лични карти – најкоментирани теми


Текстовите за фрлањето партиска магла врз полициската истрага за фалсификуваните лични карти и хајката против специјалната обвинителка Катица Јанева, се најкоментирани теми.

Нашиот прилог „Партиска магла врз полициските истраги“ го испровоцирал Миле од Охрид повторно да истури дрва и камења врз, како што ги нарекува, меѓународните „специјалци“ кои, цитирам, „како окупатори ги влечат конците и ја дозираат дестабилизацијата на Македонија“ и, повторно како што ги нарекува, „натрапниците насилно октроирани во институциите“, кои немале ниту легитимитет ниту легалитет. Тие ќе биле политички казнети на избори, а според Миле, во тоа ќе се нашле и оние кои по своја волја донесуваат недемократски и противуставни закони. За Петров, целата ситуација е луда и не се знае кој е луд а кој збунет, а политичарите се „недоквакани или наакани“.

Чест на исклучоците, ама 90% од интелектуалците се со мувлосан интелект и без храброст, без харизма, без морал, празни личности.
коментар од читател.

За хајката против специјалната обвинителка Јанева, Анонимен на нашата веб-страница напишал: „Па не ја праќаше СДСМ на усовршување, а знаеме кој може да оди на усовршување во странство за време на режимот на Корлеоне“.

За тоа дека без странски мониторинг домашните политичари забораваат на Договорот од Пржино и по „вџашеноста“ на премиерот од аферата со личните карти, на Фејсбук страницата на Радио Слободна Европа има многу постови од вас, почитувани. Некои со пристоен речник, некои... Тони Кузески предлага целата владејачка гарнитура да се изнесе на стадионот Филип Втори и народот да ѝ суди, а не вака, вели, ќе си играме бев-не бев. Но, за Никола Кусиников, нашето Радио било Радио поробена Европа, и „вашите газди, а и вие заедно со нив, ги преминавте сите граници“ - ни се обраќа почитуваниот Кусиников. И, немало да не спасат нашите ЕУ амбасадори колку и да сме плачеле кај нив. Славко Јанковски постирал дека ретко човек може да слушне таква будалаштина - СДСМ како голорака опозиција изработувала фалс лични карти за да може власта вмровска да ги користи на избори за да победат. Драган Атанасов и Зоре Тасески со лапидарни коментари: „2 милиона народ - 3 милиони глупости“, напишал првиот, и „Миле, ми текна“, постирал вториот.

Има еден интересен пост на нашата Фејсбук страница во врска со нашите интелектуалци: Марјан Котевски смета дека „чест на исклучоците, ама 90% од интелектуалците се со мувлосан интелект и без храброст, без харизма, без морал, празни личности“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG