Наместо интелектуалците да бидат елита на општеството и на граѓаните да им укажуваат како да дојдат до поголеми права и слободи, и наместо да ја критикуваат власта и негативните појави и со тоа да и помогнат да работи подобро, во Македонија голем дел од нив се пасивни и нивната улога не ја гледаат на тој начин, велат познавачите на состојбите.
Во секоја диктатура интелектуалците не само што не се слушаат, туку тие се газат и се потчинуваат со разни механизми коишто ги има власта на располагање.Мерсел Биљали, универзитетски професор.
Професор Темелко Ристески вели дека на прсти можат да се избројат универзитетските професори и интелектуалци кои се активни на тој план. Тој посочува на неколку фактори за молчењето на поголемиот дел од интелектуалците од универзитетите или од МАНУ: нивната работа во државните институции од каде на нив се вршат директни или индиректни притисоци, а тие се плашат дека ќе го загубат работното место. Тој вели дека причина е и вршењето на силните притисоци врз деканите и раководителите на институциите доколку некој од нив реагира преку медиумите или социјалните мрежи.
„Имаме и лустрирани професори. Се вршат притисоци врз нив, еве конкретно со професор Љубомир Фрчковски, да бидат истерани од работа и во такви услови нормално интелектуалецот се плаши. Друго, се работи за еден специфичен менталитет на македонскиот човек, припадник на еден народ којшто долго време живеел под туѓинска власт, навикнат е да ја наведнува главата и да молчи. Тоа му влегува во генот на човекот и си вели дај да си молчам, кој знае што ќе ме снајде. Специфичната етно – психолошка особина на Македонецот е една од причините за молчењето на интелектуалците“, вели Ристески.
Универзитетскиот професор Мерсел Биљали коментира дека ситуацијата со молкот на интелектуалците е иста како и во сите други области во македонското општество.
„Во секоја диктатура интелектуалците не само што не се слушаат, туку тие се газат и се потчинуваат со разни механизми коишто ги има власта на располагање. Така што кај нас интелектуалното и професионалното мислење не доаѓа во предвид. Отвореното општество првенствено се поставува професионално и научно, а кај нас тоа е последно што може да се случи“, вели Биљали.
Професор Ристески додава дека интелектуалците се во состојба да ги согледуваат негативните и патолошките процеси во општеството повеќе и подобро и како такови треба да се чувствува повикани да учествуваат во елиминација на тие состојби.