Достапни линкови

Зошто му треба на Груевски промоција во странство?


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Еден од ефектите на договорот од месечни 54 илјади долари меѓу ВМРО-ДПМНЕ и американска ПР компанија за промовирање на премиерот Никола Груевски е преку странските медиуми да се влијае и врз домашната јавност.

Од ВМРО-ДПМНЕ ја потврдуваат информацијата дека склучиле договор со американската ПР компанија Њу партнерс консултинг и сумата на која е тој склучен, односно 54 илјади американски долари месечно, но не откриваат други детали, како на пример која е целта во американските медиуми да се промовира улогата на премиерот Никола Груевски во епицентарот на бегалската криза. Од партијата не прецизираа ниту на колку време е склучен договорот.

Не би било погрешно и да се рече дека станува збор за глорифицирање, особено преку искористување на моменти кои подолго време го одржувале вниманието на јавноста, а тие се искористуваат како една подлога за ПР дејствување. Сентиментот на јавноста околу некои прашања не треба да се искористува за добивање поени на партиска сметка.
Марина Тунева, експерт за односи со јавност.

Инаку, на интернет страницата на Американската државна агенција за регистрација на странски соработници во Министерство за правда на 17 месецов се регистрирани документи за соработката на ВМРО-ДПМНЕ со ПР фирмата. Во нив, како што пишува, компанија ќе го олесни и пристапот до странските новинари во поглед на надворешните работи и миграциите во Македонија, вклучувајќи, но не и ограничувајќи се, на пишување на соопштенија за јавност, изјави од премиерот и мислења и нивно проширување до новинарите. Сите работи, како што пишува, ќе ги дистрибуираат до радијата, телевизиите и весниците.

Станува збор за внимателна пресметка и при изборот на ПР компанијата, бидејќи таа е светски позната, па се очекува и гарантиран успех, сметаат упатените.

Според Марина Тунева, експерт за односи со јавност, еден од ефектите на ваквиот договор можеби е, како што вели, и да се дефокусира јавноста од некои други актуелни прашања, бидејќи, иако е наменет за во странство, несомнено информациите ќе се прелеваат и во Македонија, а тоа има импликации на начинот на кој се гледа кон личноста и во домашен контекст.

„Не би било погрешно и да се рече дека станува збор за глорифицирање, особено преку искористување на моменти кои подолго време го одржувале вниманието на јавноста, а тие се искористуваат како една подлога за ПР дејствување. Сентиментот на јавноста околу некои прашања не треба да се искористува за добивање поени на партиска сметка“, вели Тунева.

Големите теми, како бегалската и мигрантската криза која е светски актуелна во моментов, секогаш може да се искористат за промовирање на одредена личност, коментира комуникологот Сефер Тахири, кој смета дека во таа насока е и оваа стратегија за промовирање на премиерот.

„Целта е на некој начин да се промовира премиерот пред меѓународната јавност, значи да се подобри неговиот рејтинг и неговиот имиџ кај меѓународната јавност, бидејќи знаеме дека реално имиџот на премиерот и на оваа владејачка гарнитура на меѓународна сцена е нарушен во смисла дека тој не ужива некаков углед во Брисел и во Вашингтон“, вели Тахири.

Договорот, според објавените документи, почнува од први декември. На 23 месецов, пак, во американскиот неделник Њузвик е објавена колумна на премиерот со наслов - мора да работиме заедно за да им помогнеме на мигрантите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG