Достапни линкови

Квалитетна, а не брза истрага за фалсификуваните лични карти


Спасовски – Квалитетна, а не брза истрага за фалсификуваните лични карти
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:20 0:00

Спасовски – Квалитетна, а не брза истрага за фалсификуваните лични карти

Не треба да имаме брза истрага, туку напротив, треба да имаме квалитетна истрага којашто ќе покаже кој тоа го направил, зошто го направил, дали го направил по нечија наредба, за што биле употребени овие фалсификувани лични карти, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министре Спасовски, во врска со аферата за личните карти, вашиот заменик Митко Чавков излезе со информација дека тие досега не биле користени за избори. Информацијата што произлезе од вас е дека спроведувате детална истрага. До каде е всушност работата, што сè откривте во врска со таа афера досега?

Јас тоа го кажувам неколку пати. Кај нас е пријавено дека постојат сомненија за фалсификување лични карти, потврдено е дека тие се фалсификат, истрагата ја води Јавното обвинителство, доставени се сите потребни барања од страна на јавниот обвинител за да се обезбедат сите можни податоци и информации во однос на оваа афера со фалсификувани лични карти. Мојот став и денеска е дека мора да имаме квалитетна истрага. Не треба да имаме брза истрага, туку напротив, треба да имаме квалитетна истрага којашто ќе покаже кој тоа го направил, зошто го направил, дали го направил по нечија наредба, за што биле употребени овие фалсификувани лични карти итн., бидејќи самото фалсификување на лични карти, патни исправи или какви било други документации е недозволиво. Токму во таа смисла мислам дека пребрзана е реакцијата дури и на господинот Чавков, во овој момент кога се води истрагата да соопштуваме детали коишто не смееме да ги соопштуваме врз основа на закон.

Точно ли е тоа што го кажа господинот Чавков?

Јас навистина не знам дали е точно, бидејќи има извештаи коишто се доставуваат до Јавното обвинителство и јавниот обвинител ќе ги даде информациите што е фактичката состојба во однос на ова прашање, меѓутоа МВР и одделот за организиран криминал интензивно работи на расчистување на целиот случај и тогаш кога јавниот обвинител ќе процени дека треба на јавноста да и ги соопшти деталите, да излезе со извештај за тоа што е пронајдено, тоа ќе биде информацијата којашто ќе биде веројатно споделена со сите, така што нема потреба од избрзување и давање изјави. Повторно како да сакаме предвремено нешто да затвориме, како да сакаме нешто можеби да прејудуцираме во целата оваа постапка, што не е добро за истрагата. Јас тоа го кажав и на почетокот, ова е сериозна афера, којашто мора сериозно да биде истражена заради угледот и на Македонија и на МВР. Инаку, постапувајќи по некакви лични и тесно партиски интереси, не поставувајќи се во интерес на граѓаните и на МВР, претставува сериозен проблем.

Дел од медиумите сега ве обвинуваат дека се опкружуваат со партиски војници. Каква гаранција им нудите на граѓаните дека овој пат МВР нема да стане СДСМ-МВР?

Тоа е основен принцип за којшто се залагам и тоа е начинот на којшто работам и ќе работам и понатаму. Апсолутно е недозволиво МВР да го поистоветуваме со која било политичка партија. Јас тоа нема да го дозволам во ниту еден случај, ниту СДСМ да се наметне во начинот на функционирањето или делувањето во МВР. Исклучиво мораме да ги почитуваме законските норми, професионалноста на службата, интересот на граѓаните, интересот, стабилноста и безбедноста на Република Македонија и навистина, сите луѓе, коишто се советници во кабинетот, се луѓе коишто се долгогодишни професионалци во МВР. Секој има право да ги именува во некаква политичка битка дека се припадници на една или друга политичка партија, меѓутоа јас тврдам дека се пред сè големи професионалци коишто си ја познаваат работата и коишто имаат една и единствена цел којашто ја имам и јас, тоа е професионализација и декриминализација на полицијата или деполитизација во краен случај.

Многу прашања поврзани со Договорот од Пржино не се реализирани според роковите. На ред е и прочистување на Избирачкиот список, каде што дел од ингеренциите има МВР. Мислите ли дека ќе се стигне сè да се заврши навреме до изборите?

Врвен приоритет мора да биде реализација на Договорот од Пржино. Навистина ме загрижува тоа што изостанува политичката волја кај одредени политички субјекти роковите да бидат запазувани. Тоа покажува уште еднаш дека партиската цел се става пред државната, пред националната и тоа е сериозен проблем. Најважно од сè е што ние мораме, по секоја цена, да обезбедиме фер и демократски изборен процес во кој граѓаните ќе можат да донесат вистинска одлука.

Целото интервју со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски може да го погледнете на видеото на почетокот на тектот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG