Достапни линкови

Политички образована младина


Виктор Петковски, Либерална унија на млади на Македонија.
Виктор Петковски, Либерална унија на млади на Македонија.

Клучот за успешно функционирање на отворено демократско општество е приближување на политиката до младите, не до дел од нив, за да може да бидат контролирани, злоупотребувани, искористувани, до сите нив, затоа што се однесува на сите, затоа што сакајќи или не, сите земаат учество во неа, пишува Виктор Петковски од Либералната унија на млади на Македонија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Секој млад човек за себе, а секој родител за своето дете, во конструкцијата на животниот план, на прво место го става образованието како услов за обезбедување животна егзистенција – барем просечна. Колку квалитет може да произведе нашиот образовен систем во овој момент не е тема во оваа колумна. Она што е тема, е аматерскиот пристап во пренесувањето на политиката на оној дел од младите кои ја немаат како своја главна образовна или животна определба.

Клучот за успешно функционирање на отворено демократско општество е приближување на политиката до младите, не до дел од нив, за да може да бидат контролирани, злоупотребувани, искористувани, до сите нив, затоа што се однесува на сите, затоа што сакајќи или не, сите земаат учество во неа.

Зошто некој што не студира/работи политика, треба да има минимално политичко познавање? Колку е опасна политичката неписменост и до кога ќе ни се случува феноменот „вреќа брашно“ со своите сродни феномени? Колку пати пред избори ќе сретнеме луѓе, повеќето од нив млади, кои уплашени и свесни за своето политичко незнаење, на секој начин ќе пробаат да ги избегнат политичките теми или дефанзивно ќе настапат со изјави од типот: „Не ме интересира политика“?

Секако, овие техники на одбегнување на каква било комуникација поврзана со политика ја употребува и оној дел од луѓето кои се веќе приврзаници на одредена политичка партија, контаминиран дел од популацијата, воден исклучиво од сопствен интерес, без нималку свест или чувство за државност и кои знаат дека луѓето на власт се добри за нив, за останатите не толку. Немам илузија дека одредена политика може да биде прифатена од секој, но дека треба да е поставена на здрави темели – сигурно.

Убеден сум дека клучот за успешно функционирање на отворено демократско општество е приближување на политиката до младите, не до дел од нив, за да може да бидат контролирани, злоупотребувани, искористувани, до сите нив, затоа што се однесува на сите, затоа што сакајќи или не, сите земаат учество во неа. Да разговараме за политиката како нормална дисциплина, каква што знаела да биде, пред нејзините учесници да ја турнат во најцрната дупка во која не знам дали некогаш ќе продре светло. Затоа што време е да научиме како да си ја сакаме државата. А држава не се сака со „не ме интересира политика“, „не е тоа за мене“, „кај баш мене ме најде“, а истовремено те интересира, работа, плата, стандард?

Да ја конзумираме редовно во мали количини, наместо пред избори во тони. Да разменуваме идеи, да дебатираме редовно, наместо да одлучуваме за една идеја и една дебата (која патем никако да го пробие мразот) пред избори. Да собираме информации за луѓето кои нè водат на дневна база, кога маската е тешка за носење, кога мислат дека никој не ги гледа и на таков начин да носиме одлуки во однос на тоа кој и на каков начин ќе управува и владее.

XS
SM
MD
LG