Македонија можеби не е најубавото место за живеење, ама барем е едно од позабавните. Секој ден се случуваат нешта кои предизвикуваат лавина реакции и контрареакции, а народот сеир гледа. Зборуваме за политиката, јасно ви е. Тамам човек ќе помисли дека темата задолжувања на Владата и вето се настан број 1, законското регулирање во медиумската сфера го презема местото. Како и да е. Ветото на заменик-министерот за финансии од СДСМ, Наумов, го поништи ДИК и веќе нема вето, а Вечер со крупни букви објави: „СДСМ не успеа да ги казни пензионерите!“ Утрински го цитира опозицискиот лидер Заев: „ДА за пензии, НЕ за чоколади“, „Власта и опозицијата во клинч за задолжувањата“, наслови Нова Македонија, а Слободен печат напиша: „На Владата мора под итно да ѝ се забрани да нé задолжува оти бел ден нема да видиме!“
На Владата мора под итно да ѝ се забрани да нé задолжува оти бел ден нема да видиме.Слободен печат.
По изјавата на Заев дека Канал 5, Сител, Алфа, МРТ и Дневник во моментот се најголемите политички непријатели на опозицијата, новиот бран реакции го навјаса оној за задолжувањата. „ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите за медиумската сфера“, информира Вечер, откако претходно набројаните медиуми „побараа прекин на меѓупартиските преговори“ за ставање ред во медиумската сфера, како што информира Утрински. Дневник излезе со наслов: „Забегано - Зоран Заев отвори војна - Дневник прогласен за политички непријател на СДСМ, банките добија закани“. Слободен печат со друга перцепција: „ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите за медиумите во знак на револт против предлозите на Ванхауте - медиумските труби на Груевски во паника“.
За Вечер и за Дневник „НАТО ја потврди условената покана од Букурешт за Македонија“. Утрински наслови: „Црна Гора повикана во НАТО, Македонија останува да чека“. Слободен печат вели: „Црна Гора во НАТО, црна Македонија во блато“.
Во меѓувреме, Утрински му одбројува на Груевски, потсетувајќи дека декември е „Последниот премиерски месец за Груевски“ и дека долгогодишниот шеф на Владата треба да демисионира наскоро, според договорот од Пржино. Истовремено, Утрински смета дека не е исклучено и смената на премиерското место да се изведе во „пет до 12“, односно кон крајот на првата половина на јануари .